„Вардарки“ со лесен скок преку Подравка до финалето

ЖРК Вардар ќе игра во финалето од регионалната лига за жени откако „црвено-црните“ во денешниот прв полуфинален дуел од турнирот во Скопје рутински ја совладаа екипата на Подравка со резултат 29-16. Разликата во квалитет меѓу двата тима беше и повеќе очигледна, што овозможи Вардар рано резултатски да се одлепи, па потоа Дибирова да може да ги одмори своите најдобри ракометарки за големото финале.

Пресудни се покажаа првите дваесет минути од полуфиналето, во кои одбраната на македонскиот шампион функционираше беспрекорно. Песоа имаше само четири интервенции во овој период, но Подравка немаше одговор за играта во дефанзива на „вардарки“ постигнувајќи само три погодоци. Избраничките на Дибирова поведоа со 11-3, по што дојде до значаен пад во играта на домашната екипа, гостинската голманка Капитановиќ набрзина нанижа шест одбрани, па на одмор се замина со резултат 14-9.

lakabrer vardar podravka

Вториот дел беше рутина, на стартот повторно во игра влегоа Лекиќ и Пенезиќ, на голот застана Суслина и предноста почна да се зголемува. Во 48. минута Вардар за првпат поведе со двоцифрена позитива (24-14), налетите не запреа ниту со тајмаутите на тренерот на Подравка, па нашиот шампион на крајот заслужено славеше со конечни 29-16.

Лакабрер беше најефикасна со седум гола во дресот на „вардарки“, Радичевиќ постигна шест, а Херем четири гола, додека Суслина имаше осум одбрани, сите во второто полувреме.

Македонскиот првак за ривал во финалето ќе го има подобриот од втората полуфинална пресметка меѓу Будуќност и Крим.

lazovic vardar podravka

Се вчитува...