„Вардарки“ во ланското друштво, Ѓер без Аморим во Будимпешта?

ЖРК Вардар ќе ги има против себе истите три ривали на претстојниот фајналфор турнир од Лигата на шампионите што е се одржи на 6 и 7 мај во Будимпешта. „Црвено-црните“ четврта година по ред ќе бидат дел од најдобрите 4 тима на „Стариот континент“, а идентично како и лани друштво ќе им прават ЧСМ Букурешт, Будуќност и Ѓер.

Европскиот првак ЧСМ на патот до овој фајналфор го елиминираше унгарскиот вицешампион Ференцварош. По победата од 30-25 на првиот меч во Романија, ракометарките на ЧСМ беа подобри и на денешниот реванш во Унгарија, триумфирајќи со минимални 26-27. Шпанката Мартин беше најефикасна со пет гола, пред Ниомбла и Манеа со по четири погодоци.

Будуќност целата работа ја заврши уште на првиот меч во Подгорица, а црногорскиот првак одигра фуриозен напад и на реваншот во Норвешка, каде триумфираше со 30-35. Неагу повторно беше во елемент постигнувајќи девет гола за Будуќност, два повеќе од Урман.

Ѓер ја надмина негативата од еден гол од првиот меч во Франција, па со вечерашната победа над Мец (28-22) си обезбеди учество на овој фајналфор турнир. Сепак, унгарскиот гигант скапо ја плати оваа победа, откако Едуарда Аморим заработи повреда што на прв момент се чини многу сериозна, па огромни се шансите дека извонредниот бразилски бек нема да може да му помогне на Ѓер на Ф4 турнирот во Будимпешта. Аморим беше најефикасна на натпреварот со седум погодоци (иако го напушти теренот кон средината на второто полувреме), Грот постигна шест, а Брох пет гола за Ѓер, а Гримзбо беше извонредна на голот на унгарскиот гигант.

Се вчитува...