„Вардарци“ од авион на тренинг: Мислите веднаш кон Струмица…

Нема одмор за „вардарци“. „Црвено-црната“ експедиција утрово пристигна во Скопје од гостувањето во Санкт Петербург и по само неколку часа денеска веднаш ги почна подготовките за престојниот натпревар против Академија Пандев.

Натпреварот со Академија Пандев ќе се игра во недела во 13 часот на стадионот „Младост“ во Струмица. По враќањето во Скопје стрелецот на единствениот гол во Русија за Вардар, Дејан Блажевски жали што неговиот погодок не донесе барем бод за тимот…

„Нормално дека сум среќен за голот, а ќе бев уште посреќен мојот гол да донесеше барем бод. За жал тој погодок дојде доцна во финишот на натпреварот, и тој гол на некој начин беше награда за нашата добра игра во второто полувреме. Во секој случај сметам дека не се посрамотивме, дека се прикажавме во добро светло и достојно го презентиравме клубот на овој натпревар. Останува само против Розенборг да дадеме се од себе да дојдеме до првите бодови во групата, а ќе беше убаво доколку и синоќа успеевме да освоиме барем еден бод. Што е тука е, одиме понатаму, се фокусираме кон натпреварот со Академија Пандев“ – вели Блажевски за официјалната интернет страница на клубот.

Веќе в недела нова активност за „црвено-црните“ во шампионатот. Следи дуелот со Академија Пандев.

„Немавме време за одмор, само што се вративме од Санкт Петербург веднаш почнавме да се подготвуваме за натпреварот со Академија Пандев и неколку часа по пристигнувањето од Русија, имавме тренинг. Одиме во Струмица на победа, а играме со квалитетен противник кој што е состав со искусни и со млади играчи. Ќе биде тешко, овие натпревари во Лигата на Европа ни трошат многу сила, но ќе мора да одиме да ги освоиме бодовите да останеме во игра за првото место на табелата. Очекувам да се преставиме во добро издание, да дадеме максимум и да победиме“ – вели Блажевски.

За неделниот натпревар Вардар нема да може да смета на Владица Брдаровски кој што е повреден и надвор од тренажен процес.

Се вчитува...