Велковски: Ќе биде тешко против Тунис, но ние сме подготвени

Со две победи во првите два натпревари, машката младинска ракометна репрезентација е на чекор до пласман во осминафиналето на Светското првенство за играчи до 21 година што се одржува во Алжир. Местото во Топ 16 македонските ракометари може да го обезбедат уште вечерва во третиот натпревар на мундијалот против селекцијата на Тунис (19 ч.).Со победа во овој дуел, избраниците на селекторот Илија Темелковски сигурно обезбедуваат едно од првите четири места во групата Ц кои продолжуваат во сладната осминафинална фаза. Со загубен бод или два, шанса за осминафинале ќе мора да бараат во последните два меча од групната фаза, против Шпанија и Бразил.„Ќе биде тешко против Тунис. Тие имаат силна репрезентација, играат добро еден на еден. Но, ние сме добро подготвени. Во подготовките пред почетокот на СП, одигравме два контролни натпревари со репрезентацијата на Катар кои играат сличен ракомет и се надевам дека ќе биде добро. Ќе дадеме се од себе да ја израдуваме нашата публика. Нашите навивачи не можеа да допатуваат овде бидејќи е далеку, но не гледаат и не поддржуваат и многу сме благодарни за оваа поддршка што ја имаме“ – истакнува десниот бек на македонската репрезентација, Мартин Велковски, во интервјуто за одицијалниот сајт на ИХФ.По тешкиот дуел со Русија на стартот, Македонија во синоќешниот втор меч  против Буркина Фасо, многу полесно извојува убедлива победа со 28 гола разлика (48-20), а селекторот Темелковски имаше можност и да ги одмори играчите од првата постава.„Натпреварот со Тунис е многу важен за нас и добро е што на вчерашниот меч дел од играчите можеа да се одморат. Го одморавме првиот тим, а играчите од клупата добро го завршија својот дел и помогнаа да славиме победа со 28 гола разлика и покажаа дека и тие може да играат исто така добро. Многу е важно да имаш добра клупа за вакви натпревари“ – истакнува  Велковски.За разлика од Македонија која заедно со Шпанија има максимален учинок по првите две кола, репрезентацијата на Тунис во денешниот трет меч влегува со една победа и еден пораз во претходните два. Тунижаните во првото коло ја победија Буркина Фасо (50-17), а вчера беа поразени од Бразил (29-36).Во другите натпревари од 3.коло во групата Ц, играат: Бразил-Русија и Шпанија – Буркина Фасо.

Се вчитува...