Вердер го отпушти тренерот Нури

Огромната криза во која се најде Вердер придонесе раководството на овој клуб да му врачи отказ на Александер Нури, откако тимот од Бремен вчера загуби со убедливи 0-3 на домашен терен од екипата на Аугсбург. Вердер се наоѓа во неверојатна серија од 13 меча без победа што тече уште од финишот од ланската сезона, „зелено“ белите постигнаа само три гола сезонава, а ниту еден во претходните пет натпревари, па јасно е зошто и покрај огромното искажано трпение, отказот на Нури беше неминовен.

Овој стручњак седна на клупата на Вердер во септември 2016 на местото на Виктор Скрипник и го одведе тимот до одличното осмо место. Вердер играше особено добро во периодот меѓу февруари и април, кога забележа серија од 11 меча без пораз (девет победи и две реми), но потоа во финишот од сезоната почна кризата што кулминираше во последните месеци.

Привремен наследник на Нури ќе биде тренерот на У23 екипата, Флоријан Кохфелт, кој ќе го води тимот на гостувањето во Франкфурт против Ајнтрахт, меч закажан за 3 ноември.

Се вчитува...