ВИДЕО: Активиран „тајниот“ мотив – Мечот со Шкотска во Единбург!

ЕКИПА во Бидгошч,

Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски

Денешниот натпревар против Србија во второто коло од Групата Б на Европското првенство во Полска, македонските репрезентативци го потенцираат како клучен за себе на шампионатот меѓу најдобрите на Стариот континент.

Без разлика на стартниот пораз од Шпанија, избраниците на Благоја Милевски отворено нагласуваат дека сега ќе се атакува на триумф во желбата да се остане активен до крај во трката за место и во полуфиналето. Токму затоа го сметаат и најтежок за себе на Европското првенство. А, кога е најтешко, како што велат македонските херои, секогаш го активираат тајниот мотив – потсетување на дуелот против Шкотска во Единбург од квалификациите кој го чуваат во своите мисли како генератор на енергија пред секој клучен меч.

„Да, кога ќе помислиме на тоа како треба да се бориме за репрезентацијата, кога ќе дојдат тешки дуели на кои се игра под притисок ние секогаш се потсетуваме на натпреварот со Шкотска во Единбург. Тоа беше убедливо најтешкиот натпревар за нас во квалификациите. Натпревар кој никогаш нема да го заборавиме во животот. Бев премногу уморен, игравме и со играч помалку, имавме и чудно судење, но кога видов кај моите другари, соиграчи, како гинат на терен сите црпевме енергија еден од друг. Тоа е незаборавно. Мислам дека тогаш го дадовме и последниот атом од силите кој го имавме. И победивме. Затоа и секогаш меѓу себе си нагласуваме – штом го минавме тоа гостување во Единбург победнички, знаеме дека можеме секого и секаде да победиме“ – вели Енис Барди.

А, Македонија на тој меч последните 25 минути ги одигра и со играч помалку, по исклучувањето на Егзон Бејтулаи. Голманот Игор Алексовски, пак, последните 15 минути во Единбург ги бранеше повреден, но го остави зад себе животниот натпревар…

„Знаев дека не смеам никого да оставам на цедило. Едноставно, сите добивме тогаш некоја дополнителна енергија. Кога гледав како се гине на терен, знаев дека не смеам и јас да потклекнам. Затоа и сега пред натпреварот со Србија, потсетувајќи се на тој натпревар со Шкотска во Единбург црпиме мотив за се што не очекува во Бидгошч“ – вели Алексовски.

Се вчитува...