Виран Морос по стапките на Карабатиќ и на Нејмар

Шпанскиот репрезентативец Виран Морос на крајот од оваа сезона ќе си замине од Барселона и ќе ја продолжи својата кариера во дресот на ПСЖ. Трансферот го најави весникот „Л’Екип“ уште пред повеќе од еден месец, денеска стигна и официјална потврда од Барселона, откако каталонскиот гигант со соопштение обелодени дека Виран Морос нема да потпише нов договор, туку во следната сезона ќе го носи дресот на „светците“ од Париз.

Специјалистот за одбрана и официјално потпиша двогодишен договор со својот нов клуб, кој предводен од сегашниот „вардарец“ Раул Гонзалес сигурно ќе има за цел што поскоро да стигне до трофејот во Лигата на шампионите.

Со тоа, ПСЖ ја продолжува традицијата на „шопинг“ од Барселона, откако пред неколку години го ангажираше Никола Карабатиќ, а минатото лето ја доведе и фудбалската мегаѕвезда Нејмар во своите редови.

Виран Морос е второто засилување за Раул Гонзалес за наредната сезона, откако ПСЖ веќе го официјализираше и ангажманот на Хенрик Тофт Хансен од Фленсбург.

Се вчитува...