Владо Илиевски: Имам јасна визија за развој на мак-кошарката - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Фудбал
19/11/2017 21:29
Кошарка
19/11/2017 20:35
Фудбал
19/11/2017 19:59
Фудбал
19/11/2017 19:09

Владо Илиевски: Имам јасна визија за развој на мак-кошарката

Владо Илиевски: Имам јасна визија за развој на мак-кошарката

Неполна година по завршувањето на кариерата, како член на Работнички, Владо Илиевски е подготвен за нов кошаркарски предизвик – овојпат како претседател на Македонската Кошаркарска Федерација. ЕКИПА прва ја објави веста за сериозните намери на стрелецот на најзначајната тројка во историјата на македонската кошарка, па сега Илиевски во разговор за нашите читатели открива кои се неговите желби и приоритети откако ќе го наследи Петар Наумоски на чело на МКФ.

Дојдов во Работнички од желба да заиграм во Македонија пред да ја завршам кариерата, но таа ланска сезона одлично ми дојде за да ги согледам состојбите на кошаркарската сцена во нашата држава. Ме радува што информацијата за моето кандидирање за претседател на МКФ беше примена крајно позитивно од обичните љубители на кошарката, но и од оние кои се дел од овој спорт. Свесен сум дека ќе има и такви кои ќе критикуваат, но моја желба е да внесам една позитивна енергија и да помогнам овој спорт да ни се издигне на височините што ги заслужува. Имам јасна визија за развој на мак-кошарката“ – го почнува Илиевски разговорот за ЕКИПА.

Тој барем засега нема остварено контакт со актуелниот претседател Петар Наумоски.

Сметам дека имам сосема коректен однос со Наумоски, но во изминатиот период не сме се сретнале. Од она што го знам тој се подготвува за самостоен кошаркарски проект и отворање на сопствена Академија, потег што го поздравувам. Се надевам дека ќе успееме да најдеме договор, бидејќи не гледам потреба од никакви конфликти кога и двајцата му мислиме добро на овој спорт“ – искрен е Владо Илиевски.

И додека актуелниот претседател од првиот ден на своето доаѓање се жалеше на беспарица, Илиевски смета дека финансиите не е толкав проблем колку немањето на концепт.

Да бидеме реални, ако дојдам јас или било кој друг, кошарката во Македонија не може да се оправи за дваесет дена или за три месеци. Ова ќе биде долгорочен процес, но важно е да се знае што се сака и да не се отстапува од тој пат. Можеби немаме премногу пари како држава, но никој не може да ми каже дека се немало пари за 20 години да се инвестира во инфраструктура, во нормални сала за работа и тренинзи на екипите, но и на младите категории. Недостига концепт, да се размислува долгорочно и да се инвестира во иднината“ – вели долгогодишниот репрезентативец.

vlado ilievski reprezentacija kosarka trening

Репрезентативната кошарка ни е во огромен пад, но легендарниот плејмејкер посочува дека причините за резултатите на националниот тим се многу подлабоки.

Кога се говори за федерација, работата се оценува исклучиво по репрезентативните резултати, што е тотално погрешно. Врз таа репрезентација влијаат бројни фактори, пред се од аспект на работата со младите играчи кои од година во година ги имаме се помалку во сениорскиот национален тим, како и слабиот квалитет на лигата. Тоа е она на што треба
да се обрне внимание“ – вели Владо Илиевски.

Кога станува збор за младинската кошарка, доволна потврда се резултатите на младите категории на Б дивизијата од Европските првенства, но Илиевски посочува еден важен аспект од проблемот.

Штета е што оние најталентирани млади играчи си заминуваат премногу рано од Македонија. Децата ако се навистина суперталентирани, треба да останат во Македонија барем до 18 години, да се развиваат правилно и да почнат да играат сениорска кошарка. Што направија Николов, Магдевски и уште неколку други играчи кои рано заминаа… тие мораат да се соочат со реалноста дека како деца се странци во туѓа држава, и никогаш нема да бидат во преден план пред домашните играчи. Одговорно тврдам дека ако си талентиран можеш да играш сениорска кошарка во Македонија на 17 или 18 години и потоа ако синавистина добар сигурно ќе направиш трансфер во странство. Сега сите сонуваат по примерот на Лука Дончиќ, но такво чудо од дете се раѓа еднаш на сто години. Можеби треба да се разговара со родителите и да им се посочат овие работи, да им се објасни дека и јас, и Перо Антиќ, и Тоше Гечевски, сите почнавме во Македонија, па тоа не ни беше никаква пречка потоа да направиме врвни кариери“ – вели поранешниот член на Барселона, Монтепаски Сиена, Локомотив Кубан, Анадолу Ефес, Унион Олимпија, Цедевита…

Вториот дел од проблемот е квалитетот на лигата, што само по себе го наметнува прашањето за ограничувањето на бројот на странци, или во случајов конкретното правило за задолжително присуство на двајца Македонци на терен.

„Факт е дека лигата ни е далеку од посакуваното ниво, примарна цел како претседател ќе ми биде да најдам начин за нејзина популаризација, жално е салите да бидат празни на кошаркарски натпревари, кога добро знаеме колку нашиот народ го сака овој спорт. Што се однесува до правилото, морам да признам дека лично не ми се допаѓа бидејќи веќе го укинаа во речиси сите земји каде што постоеше, но од друга страна го разбирам и неговото донесување бидејќи беше неопходен конкретен чекор за Македонците да добиваат повеќе шанси. Можеби идеално е да се има тројца домашни и двајца странци на терен, како што беше во Хрватска додека настапував. Така екипите би немале потреба да доведат повеќе од четири странски кошаркари. Според мене, кога ги носите странците тие треба да бидат значително поквалитетни од домашните кошаркари, воедно да бидат и атрактивни играчи кои привлекуваат публика во салата, тоа за жал во последно време не е случај во македонската кошарка. Сепак, потребна е поконкретна анализа пред да се повлече чекор на оваа тема“ – истакнува Илиевски.

sokoli rabotnicki vlado ilievski

По дваесетина години тој се врати назад во мак-баскетот, а од многуте работи од една беше особено шокиран.

„Кошарката е спорт што се игра од октомври до мај, а половина сезона кошаркарите смрзнуваат во кочан-сали. Работата е застаната во времето кога си заминав, пред дваесет години и како претседател сигурно ќе се борам за овој проблем час поскоро да биде решен. Знам дека дел од салите се под концесија, или пак се сопственост на општините, но убеден сум дека со конструктивни разговори и тоа ќе биде решено. Како што реков, моја желба е салите низ цела Македонија да бидат полни, но тоа не може да се случи ако четири месеци се „заледени“ во услови кои се ненормални не само за гледачите, туку и за самите кошаркари“ – посочува Владо Илиевски.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.