Владо Илиевски ментор во Илирија: Не можам одеднаш да се откажам од кошарката

Владо Илиевски по завршувањето на ланската сезона со Работнички во интервју за ЕКИПА најави дека ја завршува својата кариера. Неколку месеци подоцна, легендарниот македонски плејмејкер реши повторно да биде дел од овој спорт, прифаќајќи ја улогата да помогне во проектот „Илирија“ од Љубљана. Станува збор за клуб каде тренер е таткото на Лука Дончиќ, што ќе се фокусира на работа со помлади кошаркари, а Илиевски ја прифатил улогата на ментор.

„Не станува збор за мое враќање на терените, туку се договоривме да доаѓам на тренинзи и да помагам, пред се со совети за помладите играчи. Генералниот менаџер ми е близок пријател, исто така сум во добри односи и со тренерот Дончиќ. За мене ова е добредојдено бидејќи искрено кажано, не можев одеднаш да кажам збогум на кошарката. Премногу време тренирав во континуитет и ова ми е одлична можност да не прекинам веднаш со тренинзи, туку да останам во ритам. Не сме ни договорени дали ќе тренирам два или три пати неделно, затоа и велам дека не станува збор за камбек на терените, туку едноставно со совети да им помогнам на помладите. Се најавува дека за Илирија ќе потпише нашиот Бубе Младеновски, има и млад и перспективен плејмејкер, па целта е да сум тука да им помогнам да напредуваат во кариерите“ – истакнува Илиевски за ЕКИПА.

Тој барем засега не разговарал за вклучување во играчкиот кадар на Илирија за претстојната сезона.

„Не можам категорично да кажам дека нема да играм, но во моментов сум предалеку од таква одлука. Нема ниту потпишан договор, пред се поради фактот дека во меѓувреме би можел да добијам понуда за друг вид на ангажман и да морам да си заминам од Илирија. Ова во моментов е идеална опција за сите, јас ќе можам да тренирам кошарка во пријателска околина, а воедно и со менторски совети да им помагам на помладите“ – порачува Владо Илиевски.

Се вчитува...