Илиевски: Мора да го запреме беззаконието во МКФ, кошарката губи со Наумоски на чело!

Македонската кошаркарска легенда Владо Илиевски цврсто стои на определбата до крај да продолжи во битката за доброто на домашната кошарка, и покрај одржаното Вонредно собрание на МКФ на кое актуелниот претседател Петар Наумовски ја доби довербата од делегатите.

Илиевски отворено потенцираше за нерегуларноста на одржаното Собрание повикувајќи на неотповиклива оставка на Наумоски. Останува на тој свој став, потенцирајќи сега дека во кошарката владее беззаконие, самоволие на поединец…

„Владо Илиевски не може да изгуби ако не биде на чело на МКФ, но и тоа како губи македонската кошарка на чело со Наумоски. На сите им е јасно дека тоа Собрание беше нерегуларно, јас добив 14 гласа а ако се исклучат оние нерегуларните гласови тогаш резултатот би бил сосема поинаков. Од тие 16 гласа кои ги доби Наумоски седум се од различни здруженија финансирани од МКФ и кои се основани со единствена цел да бидат искористени како гласачко тело на Наумоски. Тоа јасно покажува за кого биле клубовите. Од тој аспект, јас сакам јавно да прашам, тогаш кого застапува МКФ? Очигледно е дека во кошарката владее беззаконие, самоволие на само една личност, а македонската кошарка не е на еден или двајца луѓе, па тие да владеат со неа, таа е на целата нација. Актите на статутот треба да се почитуваат, да се гласа регуларно, без притисоци и по сопствен избор. И токму затоа сметам и верувам дека нашите институции ќе ја согледаат очигледната нерегуларност, и ќе ги поништат овие нерегуларни резултати“ – вели Илиевски во разговор за МИА.

Владо Илиевски во интервјуто за МИА најавува дека ја продолжува битката за промени во МКФ затоа што и тоа е определба на огромното мнозинство од домашните клубови…

„Мнозинството клубови не се задоволни, и сакаат промена. Сакаат раководство со кое ќе имаа рамноправен дијалог, федерација која ќе работи во нивен интерес, и во корист на развојот на македонската кошарка. Федерација која ќе се финансира од спонзорства, издавање на ТВ права, а не од котизација, во услови кога клубовите, се мачат со обезбедување на финансии“ – нагласува Илиевски и дополнува:

„Затоа, веќе е даден приговор до Агенцијата за млади и спорт и се чека надлежниот инспектор за спорт да изврши надзор над работата на Собранието, да утврди неправилности и да донесе соодветно решение. Јас верувам во правдољубие, во коректноста на нашите институции. Искрено, јас лично никогаш не би сакал да водам една федерација, ако не верувам дека клубовите стојат зад мене. Фер односот Федерација – клубови, е приоритет за секој кој има амбиција да биде на чело на МКФ“.

Според поранешниот македонски репрезентативец мора да се врати довербата во кошарката која е на најниски можни граници од било кога во нашата независност…

„Погледнете ги и резултатите на македонската репрезентација се разочарувачки, посебно по смената на Џикиќ. Се загуби хармонијата, играчи лесно се откажуваа, не се најде модул кој ќе донесе резултат. Уште полошо, се уништи имиџот на македонската кошарка, која со децении беше омилената спортска екипа во земјава. Бевме редовни учесници на врвни натпреварувања, нашите клубови бележеа успеси, публиката беше во салите, се бодреше се живееше со кошарката. Видете каква е состојбата денес. Натпревари без публика, со второкласни странски кошаркари, недостаток на млади кошаркари. дали некој се прашал колку има регистрирани македонски кошаркари во нашата Прва лига, какви се младинските лиги, колку деца тренираат? Верувајте состојбата е разочарувачка. Нам ни е потребно обединување, мала нација сме, немаме многу како Антиќ… Да сме сите заедно. И тоа не е нешто премногу што посакувам. Мора да ја вратиме довербата кај клубовите, да ги вратиме младите на терените, да се зборува за натпревари, за потези, и млади кошаркарски таленти, а помалку да се занимаваме со административни работи. Да го собереме најдоброто од Македонија и да го вратиме стариот сјај на репрезентацијата. Едноставно никогаш да не престанеме да работиме“.

Се вчитува...