Во Тетово ќе се решава полуфиналистот: Шкендија непоразена (1-1) се враќа од Скопје

Вардар и Шкендија ремизираа 1-1 во првиот четвртфинален натпревар од Купот на Македонија што се одигра на арената „Филип Втори“. Први поведоа гостите од Тетово со голот на Бесарт Ибраими во 63.минута, а израмни Бразилецот Хуан Фелипе со прекрасен погодок од слободен удар во 79.минута од дуелот. Реваншот ќе се одигра на 7.март во Тетово, по кој ќе биде познат и патникот во полуфиналето.

Ибраими прв се закани кон голот на Вардар, но не беше прецизен, а одговори слично и Барсегјан на спротивната страна. Ферхан Хасани се обиде од слободен удар, но шутираше крај голот, а потоа и Жуниор имаше неуспешен обид. На полувреме се замина со почетните 0-0.


Второто полувреме беше многу повозбудливо и донесе два гола. Во 50.минута, одлична шанса имаше Арменд Алими. Доби употреблива топка од Хасани, беше осамен на пеналтикот, шутираше, но Гачевски спаси водство за тимот од Тетово.

Возврати Блажевски со удар со глава на спротивната страна, по центаршутот на Глишиќ, но шутираше директно во добро поставениот Захов.

И, во 63.минута, Шкендија стигна до водство. Вардарци ја загубија топката на противничката половина, се разви брз противнапад, Бесарт Ибраими продре по левата страна, шутираше прецизно во спротивниот агол и ја затресе мрежата на Вардар.

Но, Вардар не се предаде. Во 79.минута, Хуан Фелипе со фантастичен гол од слободен удар успеа да го израмни резултатот. Бразилецот од 20 метри распали и погоди во горниот десен агол од голот на Костадин Захов.

До крајот, се заканија и Максимов и Адили кон двата гола, но резултатот остана 1-1. Битката продолжува на 7.март на Градскиот стадион во Тетово.

Се вчитува...