Војдан броеше до 18, Бетис сепак загуби

Војдан Стојановски одигра одличен натпревар, но Бетис не успеа да го капитализира тоа и да слави во пресметката со Тенерифе. Тимот од Севилја загуби на домашен терен со 76-82 од најпријатното изненадување сезонава, па Тенерифе со оваа победа остана на второто место на табелата, зад лидерот Реал Мадрид, а пред Барселона, Басконија, Валенсија, Гран Канарија…

Бетис беше во игра пред се благодарение на одличното издание на Стојановски, но „зелено-белите“ немаа сили за да приредат изненадување на овој натпревар. Гостите водеа речиси цел натпревар, во дел од последната четвртина имаа и „плус десет“, па и покрај обидите на домашните кошаркари, сепак Тенерифе беше тимот што на крајот се радуваше на победата.

Капитенот на македонската репрезентација беше најпрецизен кај својот тим со вкупно 18 поени (4/5 за тројка), имаше и еден скок и една асистенција, што сепак беше недоволно за триумф на вечерашниот меч.

Бетис по третиот пораз во низа уште повеќе се оддалечи од пласманот во Топ 8, што значи учество во плејофот.

Се вчитува...