Војдан и Бетис немаа сили за сензација во Виторија

Бетис и покрај подобрата игра во првото полувреме не успеа да приреди сензација на гостувањето во Виторија, губејќи по голема битка од тимот на Басконија со 79-75.

Војдан Стојановски и соиграчите одиграа одлично во првите две четвртини, на момент имаа и осум поени предност, па на одмор заминаа со позитива од 30-35. Сепак, Басконија заигра многу подобро во вториот дел, домаќините со бројни офанзивни скокови ги „покрија“ промашувањата од далечина, правејќи пресврт и стигнувајќи до значајна победа. Војдан Стојановски го заврши натпреварот со девет поени, сите постигнати во првите 20 минути игра, а зад неговото име останаа запишани и еден скок и една асистенција.

Пораз попладнево претрпе и Ненад Димитријевиќ, кој со Хувентуд неочекувано загуби на домашен терен од Обрадорио (82-83), екипа што до овој викенд се наоѓаше на претпоследното место на табелата. Гостите водеа во текот на целиот натпревар, Хувентуд сепак го имаше последниот напад со кој можеше да победи, но Богдановиќ ја загуби топката.

Димитријевиќ мина на теренот 16 минути, период во кој не се запиша меѓу стрелците (0/3 од поле), но младиот македонски интернационалец имаше четири асистенции.

Се вчитува...