Војдан конечно победи, „шестка“ на Димитријевиќ против Барса

Војдан Стојановски и тимот на Бетис ја прекинаа серијата порази што траеше повеќе од два месеци, откако попладнево триумфираше на гостувањето против Фуенлабрада со 67-72. „Зелено-белите“ својот последен триумф го имаа забележано на 8 јануари, кога ја совладаа Уникаха, но Стојановски и соиграчите овојпат заиграа на посакуваното ниво, го издржаа притисокот од противниците и стигнаа до посакуваната победа која им е од огромно значење во битката за опстанок. Македонскиот репрезентативец го заврши натпреварот со четири поени, три скока и една асистенција, прескромен ефект за играчот кој вообичаено е еден од лидерите на тимот на Бетис.

Хувентуд претрпе убедлив пораз на домашен терен од Барселона (56-76), меч во кој Ненад Димитријевиќ одигра неполни десет минути за домашниот тим. Хувентуд мечот го загуби со очајната трета четвртина што гостите ја добија со 6-29, решавајќи ги сите дилеми околу победникот. Младиот македонски кошаркар го заврши мечот со шест поени против каталонскиот гигант, со две погодени тројки од три обиди во второто полувреме.

Се вчитува...