Војдан: Време е оваа репрезентација да тргне напред

Многу работи во играта на македонската репрезентација ќе зависат од капитенот Војдан Стојановски, кој е оптимист дека нашиот национален тим ќе успее да ја преброди кризата и конечно ќе влезе во победнички ритам.

Во последните две лета имавме квалификациски циклуси за заборав, нормално е сите да сме разочарани, но јас искрено верувам дека дојде времето оваа репрезентација да тргне напред. Повторно ни недостигаат некои играчи, но оние кои ќе играат ќе сторат се за да ги минат овие квалификации и да тргнат на еден пат во вистинска насока, по падот во последните два циклуси. Се надевам дека ова ќе биде еден добар нов почеток“ – изјави Стојановски.

За разлика од претходниот квалификациски циклус Македонија во своите редови ќе го нема Џордан Теодор, па нашата национална селекција по долга пауза ќе настапи без странски кошаркар во своите редови.

„Искрено го поддржувам неиграњето на странски кошаркар и базирањето на домашни сили. Теодор е добар играч, но ние сега ќе го имаме Ненад Димитријевиќ, млад кошаркар пред кого е светла иднина и кој со успех настапува во силната шпанска лига. Верувам дека со Димитријевиќ во тимот, секако со максимално залагање и на сите останати кошаркари, ќе успееме да стигнеме до резултатите што сите ги посакуваме“ – вели Војдан Стојановски.

Тој има високо мислење и за нашиот прв противник, селекцијата на Словачка на која македонската репрезентација ќе и гостува в четврток.

Словаците се навистина добра репрезентација. Игравме таму две средби, видовме дека станува збор за сериозен состав, добро се движат, имаат центар што ни создаде многу проблеми. Ќе биде многу тешко, особено на тој прв натпревар што ќе го играме на гостински терен“ – реален е македонскиот капитен.

Се вчитува...