Војна на брендовите: „Најк“ ќе го нокаутира „Адидас“ и ќе го одведе Мбапе во ПСЖ

Килијан Мбапе неколку месеци наназад е поврзуван со преселба во Реал Мадрид, но според последните информации францускиот голгетер сепак нема да замине на „Сантијаго Бернабеу“. Како што јавува „Телефут“, Пари сен Жермен е клубот што успеал да го убеди Мбапе да се приклучи на овој фантастичен проект, договарајќи ги личните услови со „француското чудо од дете“. Во целата приказна влегла и компанијата за спортска опрема „Најк“, која е подготвена да финансира дел од трансферот за Мбапе да не замине во Реал Мадрид, кој има договор за спортска опрема со „Адидас“.

Воедно, угледниот француски новинар Жулиен Мејнар синоќа обелодени дека Мбапе веќе го избрал ПСЖ за своја следна дестинација и за својата одлука го известил и највисокото раководство на Монако.

Сега на потег се клубовите, па останува да се види дали „кнезовите“ ќе дадат зелено светло за заминување на својот најдобар играч во редовите на најлутиот ривал. Се шпекулира дека „светците“ се подготвени да платат огромни 180 милиони евра за да го комплетираат трансферот до крајот на месецов, со што би создале напаѓачко трио од соништата, Мбапе – Нејмар – Кавани.

Се вчитува...