Време е за финале: Македонска кошаркарска „класика“ во битка за трофејот

Двата најтрофејни кошаркарки клуба во Македонија, Работнички и МЗТ Скопје, по шести пат ќе ги вкрстат силите во финалето на Купот на Македонија (сала „Јасмин“ во Кавадарци, 19 часот). „Металците“ посакуваат раздолжување на сметките од поразот во финалето во 2011 година, додека тимот од „Градски парк“ ќе се бори за историја – да стане првиот клуб со двоцифрен број пехари во ова натпреварување.

Во финалните куп-пресметки Работнички води со 3-2 против екипата од Аеродром, а исто така имаат предност и во однос на освоените пехари – Работнички има девет куп-трофеи, МЗТ осум. Токму оваа разлика треба да претставува дополнителна мотивација за актуелниот македонски првак, да се изедначи со најтрофејниот клуб на нашите простори.

Работнички на пат кон финалето имаше две пречки. Едната лесно ја совладаа, актуелниот освојувач на Купот, Карпош соколи, кој не беше достоен противник во четвртфиналето, што е разбирливо знаејќи дека во тимот од Карпош не остана речиси ниту еден играч кој придонесе за освојување на трофејот во ланската сезона. Втората пречка беше сосема друг предизвик, кумановци добро се држеа речиси цел меч, но Докузовски знае како се победуваат такви неизвесни, полуфинални дуели.

„Секогаш кога играат МЗТ и Работнички, тоа е празник за кошарката во Македонија, финалето на Купот само го краси ова дерби, затоа очекувам така да биде и вечерва. Без разлика што сме драстично ослабени, ќе бидеме без нашиот најдобар поединец, Маркус Гинјард кој нема да игра поради повреда, ние ќе се обидеме да направиме се што е во наша моќ да оствариме успех. Можеби немаме голем ростер, но имаме искусна екипа, па затоа потешко се справуваме од другите екипи кога мора да играме три дена по ред. МЗТ има поголема клупа, можат да си дозволат поголема ротација, и можеби поради тоа се фаворити. Меѓутоа, ова е куп-натпреварување, тука не секогаш победува фаворитот. Како и да е, стигнавме до тука и во ниту еден случај не се предаваме, ќе се бориме со сета сила без разлика на околностите“, вели тренерот на Работнички, Марин Докузовски.

Што се однесува до МЗТ Скопје, и тие на сличен начин стигнаа до големото финале. Фени индустри беше лесен „плен“, но затоа против Блокотехна одиграа „финале пред финалето“. Вистински спектакл во кој „металци“ добро се намачија за да ја прекинат негативната серија од 2-0 против гевгеличани (двата порази од Блокотехна ги претрпеа во првенството).

„Влогот е голем, Работнички го посакува трофејот исто колку и ние. Не можеме да се задоволиме само со учеството во финале. Сакам пред се, да направиме добра претстава, гледачите да уживаат во убава кошарка, во едно вистинско дерби кое доликува на едно вакво натпреварување. За Работнички е голема загуба што нивниот најдобар играч, Маркус Гинјард, нема да може да им помогне, но ние се подготвуваме исто како да се тие комплетни. Кога МЗТ го претрпе првиот пораз од Работнички сезонава не бев тука, но знам дека секој пораз од ривал боли, зборувам од искуство, па затоа би сакал настапите во ова дерби да ги започнам со победа“, вели тренерот на МЗТ Скопје, Жељко Лукајиќ.

МЗТ последен пат го подигна пехарот во 2016 година совладувајќи ги Карпош соколи (68-62). Работнички својот последен трофеј во ова натпреварување го освои во 2015 година, кога среде Аеродром во финалето го победи Кожув со резултат 74-66.

 

Се вчитува...