Вујо против Лино без Доленец, со четворица дебитанти

Ракометната репрезентација на Словенија која ќе биде прв противник на Македонија на ЕП 2018 во Хрватска во јануари наредната година, во актуелната недела на ЕХФ, ќе одигра два контролни натпревари против селекцијата на Хрватска. Првиот натпревар ќе се одигра денеска во Љубљана, а второто соочување на селекциите предводени од Веселин Вујовиќ и Лино Червар, ќе биде в сабота во Загреб.

И на двата натпревари во словенечката репрезентација ќе го нема десниот бек на Барселона, Јуре Доленец кој има проблеми со коленото. Поради здравствени проблеми, Вујовиќ за овие контролни натпревари не може да смета уште и на Јан Гребенц, Борут Мачковшек и на Давид Миклавчич.

Во репрезентацијата се враќа искусниот Вит Кавтичник кој паузираше по повредата што ја заработе на СП во Франција. Во составот од 23 ракометари што ги повика Вујовиќ за овој прв собир во подготовките пред ЕП 2018, има четворица дебитанти од новата генерација – Јака Малуш, Алекс Влах, Дани Зуган и Грег Оклешчен.

Македонија и Словенија на ЕП 2018 во Хрватска, се среќаваат на 13 јануари во првото коло од групата Ц во Загреб во која се уште и селекциите на Германија и на Црна Гора.

Се вчитува...