За кого трета – среќа?! Силекс, Академија Пандев, Работнички и Шкупи ќе ја бркаат Европа

Арно што ќе играш, ама гледај и во Европа да излезеш. Да си ја вратиш инвестицијата, и ако можеш уште да ќариш нешто. Тоа е вечната амбиција на најголем дел од македонските прволигаши, оние кои сепак имаат помал ’есап’ од Вардар и од Шкендија. Тие го меркаат третото место кое го носи толку посакуваниот излез во Европа.

Пред стартот на пролетта, Силекс е на пол – позиција. Кратовци имаат 31 бод, шест повеќе од Академија Пандев и дури осум повеќе од Работнички и од Шкупи. Првите два клуба не реновираа премногу оваа зима, додека „романтичарите“ и чаирчани имаа турбулентен преоден рок. Вториот дел од сезоната ќе покаже што било подобро.

Капитенот на Работнички, Душко Трајчевски, потенцираше во пресрет на денешниот дуел со Ренова.

„Ако сакаме да избориме излез во Европа, тогаш мораме да ги добиваме мечевите на домашен терен“. Во право е, потполно…Но, лесно е да се каже, треба и да се оствари.

Третиот дел од табелата се екипите кои ќе се борат за опстанок. Победа купи цел нов тим по промената на раководната гарнитура, Ренова исто така доведе неколку квалитетни засилувања, а се чини дека најслабо „пазареше“ Пелистер, кој ќе се потпре на релативно млади сили, предводени од повратникот на клупата, Марјан Секуловски.

Скопје од дното ќе ја започне пролетта, и ќе се надева дека може да направи чудо и да обезбеди опстанок. Ќе треба да игра многу подобро во однос на првиот дел од сезоната.

 

Се вчитува...