Захов: И на „Сан Сиро“ да ја повториме играта од претходните дуели

Шкендија одржа брифинг во Милано пред утрешниот натпревар со Милан на „Сан Сиро“ на кој Костадин Захов, Арменд Алими и Ардијан Цуцули ги презентираа сопствените и очекувањата на клубот во очи на големата пресметка со италијанскиот гигант.

„Добро знаеме кој е фаворит на овој двомеч, но секако тоа ништо не значи на теренот. Воопшто не планираме предвреме да се предадеме, туку напротив дојдовме во Милано затоа што сакаме на ‘Сан Сиро’ да ја повториме играта од претходните дуели во Европа. Ако треба да зборуваме за играчите на Милан, тогаш сигурно не можеме некој посебно да издвоиме затоа што сите се врвни фудбалери. Опасноста по нашиот гол ќе доаѓа од многумина во нивниот тим, но искрено се надевам дека ќе презентираме добар фудбал и ќе ги израдуваме нашите навивачи“ – истакна Захов, на кого се надополнува и Арменд Алими.

zahov i alimi

„Може да бидеме задоволни како се презентираме ова лето на европската сцена и секако како почнавме во домашното првенство. Но, не сакаме да застанеме само на тоа. Натпреварот со гигант како Милан е повеќе од идеален да го покажеме сиот свој квалитет и да покажеме дека не случајно сме стигнале до тука“ – вели Алими.

Според искусниот дефанзивец Ардијан Цуцули ќе биде добро да не се прими гол на денешниот дуел, иако одбраната секако ја чека тешка задача…

„Сакаме да дојдеме до поволен резултат, а потоа пред преполн стадион во Скопје да имаме вистински спектакл. Милан е фаворит, но ние не размислуваме да се предадеме предвреме. Ќе се потрудиме да не примиме гол, но сигурно ќе продолжиме со нашиот начин на игра ова лето – секогаш офанзивен“ – рече Цуцули.

Вечерва на „Сан Сиро“ тетовци ќе го одработат и официјалниот тренинг во очекување на утрешниот натпревар кој почнува од 20:45 часот.

Се вчитува...