Зампарини: Несторовски ќе си замине ако не дојдат нови газди во Палермо

Илија Несторовски неодамна го продолжи договорот со Палермо до 2021 година, но многу лесно може да се случи Македонецот веќе во јануари да го напушти сицилијанскиот клуб. Тоа не е желба на самиот фудбалер, кој во неколку наврати ја потенцираше и ја докажа верноста кон својот клуб, туку принудно решение на Палермо за решавање на финансиските проблеми.

Претседателот Маурицио Зампарини, кој во неколку наврати ја потенцираше лојалноста на Македонецот, најави дека Нестор-гол би можел да си замине во блиска иднина доколку не бидат најдени нови газди за клубот.

„Несторовски е одличен фудбалер, кој е предводник на нашиот проект за враќање во елитата. Потпиша и нов договор, но јас веќе ставив до знаење дека доколку не бидат најдени нови газди оние најплатени играчи ќе мора да си заминат за да ги намалиме трошоците за функционирање“ – изјави Зампарини.

Несторовски со новиот договор е еден од најплатените фудбалери на Палермо, па јасно е зошто навивачите на сицилијанскиот клуб повторно стравуваат од евентуално заминување на нивниот миленик. Според последните информации, сериозен интерес за македонскиот голгетер покажува Торино, кој е подготвен да плати и 12 милиони евра за да го доведе Несторовски во своите редови.

Се вчитува...