Зенит го шутна Луческу, бара Италијанец за нов тренер

Мирчеа Луческу повеќе не е тренер на Зенит откако раководството на рускиот клуб реши да му врачи отказ на искусниот стручњак. Ваквиот развој на настаните е сосема очекуван со оглед на разочарувачките игри на Зенит во текот на сезонава, во која тимот од Санкт Петербург во ниту еден момент не успеа да му парира на Спартак во трката за титулата.

Зенит воедно не се пласираше во Лигата на шампионите, а челниците на клубот вината ја бараат токму кај тренерот, кој не успеал да го извлече максимумот од својата екипа. Како што јавуваат руските медиуми, на листата со желби на Зенит мнозинство се италијански тренери, па така овој клуб се обидува да го доведе Маурицио Сари, доколку не потпише нов договор со Наполи, како и Еузебио ди Франческо, кој е многу близу до преземање на Рома.

Доколку овие две опции пропаднат, многу пореално е да се постигне договор со Роберто Манчини, кој цела година е без ангажман и сигурно сериозно ќе ја разгледа понудата од Санкт Петербург за неговите услуги.

Се вчитува...