Жарко Ристоски го ’прероди’ Шоненверд: Мора да продолжиме со добра работа и со добри игри

Како да не му беа доволни успесите со македонската репрезентација во изминатите неколку години, па Жарко Ристоски одлучи да се впушти во нов предизвик, но на клупски план. Поранешниот селектор на македонскиот одбојкарски национален тим го презема кормилото на швајцарски Шоненверд и најави пишување на нов лист во историјата на клубот.

Шоненверд е тим кој во изминатите неколку години не може да се пофали со големи успеси, па токму поради тоа раководството на клубот довербата му ја додели на искусниот македонски стратег. Во првиот дел од сезоната Ристоски и неговиот клуб завршија на второто место на табелата иако пред почетокот тој најави дека ќе биде задоволен со пласман во најдобрите четири екипи во тамошното првенство.

„Полусезоната ја завршивме како есенски вицешампиони односно второ место веднаш зад шампионот Амрисвил кој е апсолутен фаворит за освојување на шампионатот. Моментално добро достигнување за екипата, доколку се земе предвид досегашните нивни остварувања, а исто така и отсуството на најдобриот играч и капитенот на екипата, а воедно капитен на мексиканската репрезентација Карлос Гера кој го пропушти првиот дел од првенството поради повреда. Условите за работа се добри, лигата е изедначена со многу квалитетни екипи. Нашата екипа е доста млада со седум играчи под 21 година. Пред нас е период каде треба да продолжиме со континуитет на добра работа и игри. Да се обидеме да ја сочуваме до крајот оваа позиција што нема да биде нималку лесно“ – вели Ристоски.

Договорот, барем засега, гласи на една година, но постои опција и за продолжување на соработката доколку двете страни се задоволни.

„Рано е уште сега да се зборува за продолжување на договорот, најважно од сè е екипата да напредува и да продолжи со добри игри за да се оствари целта, а тоа е да се биде во најдобрите четири екипи“ – дополни Ристоски.

Се вчитува...