Колку пари, толку кошарка – клубовите во зимски сон

Десетти март е последната шанса на екипите кои се натпреваруваат во сениорската кошаркарска конкуренција да доведат нови имиња во своите редови. Рокот за регистрација на играчи ќе трае до крајот на регуларниот тек на сезоната, пред почетокот на натпреварите од Суперлигата како и од плејаутот за опстанок во кошаркарската ’елита’ на Македонија.

Екипите од Првата македонска лига, барем засега, се тивки кога станува збор за активностите на кошаркарскиот пазар.

Финансиските кризи не се новина во клубовите во Македонија. Работнички ја започна годината со штрајк на играчкиот кадар поради неисплатени плати, а вработените ставија клуч на вратата. Играчкиот кадар, барем засега нема да се менува со исклучок на заминувањето на Ник Вигинс кон крајот на минатата календарска година кој не ги задоволи побарувањата на Докузовски и на управата.

Мака имаат и битолчани кои се обидуваат да ја избегнат цртата која ќе ги примора одново да се натпреваруваат во плејаутот.  Петковски го оформи ростерот на Пелистер пред почетокот на сезоната и оттогаш нема никаква промена во играчкиот кадар. Желба има за искусно засилување кое би ги водело младите кошаркари, но барем засега нема зелено светло од управата. Идентичен е и случајот со трикратниот шампион во домашното првенство, Фени индустри. Плановите на Малинков за доведување на засилување од нашиот сосед на истокот пропаднаа, младиот тренер има желба да се засили со крило или крилен центар, но проблем се – парите.

Голем дел од клубовите имаа ограничени средства кога станува збор за буџетот и засилувања кои треба да бидат лидери на тимот не се тема на дневен ред.

Во Вардар пристигна и првото странско име, но Адекунле нема да се задржи долго во Македонија. Младиот кошаркар ќе остане до крајот на тековната сезона, без опција за продолжување на соработката.

Вицешампионот Куманово го загуби капитенот Костоски во битка со романски Питешт, но експресно најде негова замена во Јонел Браун. Американецот има договор до крајот на сезоната и засега е единственото ново име кај кумановци среде сезоната. Марјан Србиновски не ја исклучува можноста за промена во ростерот, но како и во поголемиот дел од клубовите раководните лица во општинита го имаат последниот збор кога станува збор за одврзување на ќесето.

Секогаш постои опцијата во ’пет до дванаесет’ за нови имиња во домашното првенство…

Првата лига ни е далеку од квалитетот што го посакуваме во салите ширум Македонија, но колку пари – толку кошарка, тоа е мотото на кошаркарскиот шампионат оваа сезона.

Се вчитува...