Зидан ќе се обиде со магијата на Иско да го зашемети Пари Сен Жермен

Реал Мадрид го пречекува Пари Сен Жермен вечерва (20.45 часот) на „Сантијаго Бернабеу“ во можеби најинтересниот од сите осминафинални натпревари во Лигата на шампионите. На актуелниот европски првак му остана единствено да се бори за да го сочува ’пехарот со уши’ во своите витрини, а момците од Париз кои оваа сезона ги предводи Нејмар сакаат да го земат „кралскиот“ скалп.

Судбината на тренерот Зинедин Зидан на кормилото на Реал Мадрид зависи токму од исходот на овој двомеч, а тој се надева дека Иско Аларкон, одличниот играч за врска кој во последно време беше преселен на клупата за резерви, ќе му помогне со својата магија да го зашемети ПСЖ. Францускиот стратег ќе го жртвува најверојатно Герет Бејл и ќе ја промени формацијата 4-3-3 во малку поинаква варијанта (4-4-2) со Роналдо и Бензема во нападот, а засилен среден ред.

„Реал Мадрид секогаш игра на победа, и на таков начин ќе му пристапиме и на овој натпревар. Ова е важен меч од Лигата на шампионите, но моите фудбалери имаат многу вакви мечеви во своите нозе. Со поддршка од навивачите и со мудра стратегија, верувам дека ќе оствариме добар резултат пред реваншот во Париз. Не размислувам за силата на противникот, туку ги анализирам нивните лоши и добри страни како и пред секој дуел. Верувајте, и тие размислуваат за нас“, изјави Зинедин Зидан во пресрет на дуелот.

Најголем проблем за Зидан сепак ќе биде неиграњето на Дани Карвахал, а на негово место најверојатно ќе настапи Начо и ќе биде директно задолжен за Нејмар.

Се вчитува...