Зидан уште три години на чело на Реал Мадрид

Веќе нема дилеми, Зинедин Зидан ќе го продолжи својот ангажман како тренер на Реал Мадрид потпишувајќи нов договор со „кралскиот клуб“ со важност до 2020 година. Актуелниот договор на Зизу истекува на крајот од следната сезона, но Флорентино Перез веќе седна на маса со францускиот стручњак и ги договори условите за продолжување на соработката.

Свесен дека ризикот со именување на Французинот како наследник на Рафаел Бенитез се исплатеше, Перез сега е решен што подолго да го задржи Зидан на клупата на „кралскиот клуб“, со самото тоа да ги задоволи и навивачите кои му даваат целосна поддршка на овој стратег. Тоа е сосема нормално во ситуација кога Реал повторно стигна до финалето од ЛШ, а воедно се наоѓа и на чекор до титулата во Примера, каде од тронот на шпанскиот фудбал би ја симнал Барселона.

Според весникот „Марка“, преговорите се веќе комплетирани, а обелоденувањето на новиот договор ќе се случи непосредно по завршувањето на големото финале од ЛШ против Јувентус, закажано за 3 јуни. Зидан ќе има дополнителен мотив на овој меч против поранешниот клуб, со оглед на клаузулата во неговиот актуелен договор која вели дека сите примања (плата и бонуси) му се дуплираат доколку успее да ја освои титулата европски првак. Иако загарантираната плата со договорот му изнесува 5,78 милиони евра, тој со ланската титула во ЛШ стигна до заработувачка од огромни 13 милиони евра, сума што ќе ја израмни доколку во јуни слави над Јувентус.

Се вчитува...