Зинедин Зидан, синоним за успех – до шест трофеи за 19 месеци

Зинедин Зидан важи за еден од десетте најдобри фудбалери на сите времиња, а Французинот во последните години се наметнува и како еден од водечките тренери на денешницата. Одејќи го патот полека, преку младинската школа на Реал, потоа и како асистент на Карло Анчелоти, Зизу доби шанса откако Рафа Бенитез заработи отказ – потег што се покажа како апсолутно најдобар во последните пет-шест години на претседателот Флорентино Перез.

Затоа што Зидан продолжи да освојува пехари како тренер како што тоа го правеше и како играч, па за само 19 месеци стигна до шест пехари, и тоа по два во Лигата на шампионите и во Суперкупот на Европа, додека по еднаш триумфираше во Примера дивизион и на клупскиот мундијал. Трофејот во Скопје воедно придонесе Зидан да стане првиот во историјата што по два пати го освојувал Суперкупот на Европа како тренер и како играч. Претходно, тој како фудбалер го освои овој пехар со Јувентус во 1996 и со Реал Мадрид во 2002 година.

Никогаш не сме заморени од победување, ниту јас, ниту пак моите фудбалери. Тоа го покажавме и во Скопје, го контролиравме натпреварот, не му дозволивме на Манчестер јунајтед да развие игра. Во финишот паднавме, но нормално е да не се издржат 90 минути во ист ритам, особено на така високи температури“ – изјави Зидан по синоќешниот триумф.

За големината на Зизу најдобро говори фактот дека тој за само 19 месеци успеа да се искачи на четвртото место на листата на најтрофејни тренери во историјата на Реал Мадрид. Зидан има само еден помалку од Висенте дел Боске (два во ЛШ, два во Примера, еден во Суперкупот на Европа, еден во Суперкуп на Шпанија и еден во Интерконтиненталниот куп), второпласиран е Луис Моловни со девет пехари, додека недостижен во моментов е Мигел Муњоз, кој во својата кариера освоил 14 трофеи како кормилар на „кралскиот клуб“ (девет во Примера, два во Лигата на Европски Шампиони, два во Копа дел реј и еден во Интерконтиненталниот куп).

Се вчитува...