Зверев го запре Ѓоковиќ и стигна до круната во Рим

Алекс Зверев е тенисерот кој изненадувачки се закити со трофејот на турнирот во Рим, прв за германскиот ас од Мастерс турнирите во неговата кариера. Зверев ја имаше улогата на аутсајдер во финалето против Новак Ѓоковиќ, уште повеќе ако се земе во предвид неверојатната форма што Србинот ја прикажа на последните два дуели со Дел Потро и со Тием. Алекс Зверев беше на висина на задачата и заслужено стигна до пехарот, прекинувајќи ја „црната серија“ од 16 години, колку што Германија немаше освојувач на еден Мастерс-турнир.

Ѓоковиќ беше далеку од своето ниво од претходните два дена, а 20-годишниот Германец знаеше како да го искористи тоа. Тој доминираше од самиот почеток, правејќи брејк уште во првиот гејм, а потоа до крајот на сетот не дозволувајќи му на вториот носител ниту една брејк-шанса. Зверев со уште поголема самодоверба влезе во вториот сет, при 1-1 повторно направи брејк и на крајот заслужено триумфирајќи со 6-4, 6-4.

Ѓоковиќ исто како и лани падна на последната пречка до трофејот во Рим, но во секој случај забележлив е големиот раст во формата во однос на претходните турнири, на кои српскиот тенисер прикажуваше разочарувачки игри. Останува да се види во какво издание ќе се прикаже српскиот ас на претстојното издание на Ролан Гарос, на кое ќе ја брани титулата освоена лани.

Се вчитува...