10 ФАКТИ ЗА КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА: Вардар, Слога Ј., Арѓен Беќири, Баже Илијоски, Есад Чолаковиќ…

Десет факти за Купот на Македонија пред денешното 32. финале во најмасовното домашно клупско натпреварување меѓу Вардар и Струга ТЛ!

Првиот стрелец на гол во финалето на Купот, Жанко Савов со трофејот од 1993

1.Првото финале во самостојна Македонија се одигра на 23 мај 1993 година во Скопје. Вардар со голот на Жанко Савов славеше против Пелистер со 1-0 и го освои драгоцениот пехар. Жанко Савов е запишан во аналите на македонскиот фудбал како првиот стрелец во финале на Куп на Македонија.

2.Најуспешен клуб е Вардар со пет трофеи, пред Работнички со четири, и Слога Југомагнат, Силекс и Македонија ЃП со по три освоени титули. Најмногу финални натпревари има Слога Југомагнат. Осумпати чаирчани беа дел од финалето, но само трипати се радуваа. Следува Работнички со седум финалиња во кои четири пати го освојуваше пехарот, па Вардар со шест финални средби.

3.Најмногу гледачи имаше на првото финале во Купот на Македонија. Тогаш во 1993 година финалето меѓу Вардар и Пелистер на трибините на Градскиот стадион го следеа 22.000 љубители на фудбалот. Дури десет финалиња, од вкупно 31 одиграно, завршиле со изведување на пеналите.

4.Ниту една екипа досега во историјата нема три едноподруго победи во финалето на најмасовното домашно клупско натпреварување. Три екипи имаат два трофеи во серија, Вардар, Работнички и Македонија ЃП.

Арѓент Беќири

5.Тони Јакимовски, Влатко Костов, Муарем Бајрами и Горан Симов се радувале на пехарот од Купот на Македонија и како играчи, но и како тренери. Сега истото може да го постигне и Илчо Ѓорѓиоски, како тренер на Струга ТЛ, а откако претходно го освои пехарот во 1999 година како фудбалер на Вардар. Ѓоко Хаџиевски, Ѓоре Јовановски, Игор Ангеловски и Горан Симов, пак, се единствените тренери кои освоиле два трофеи во националниот куп.

6.Арѓент Беќири е единствениот кој постигнал хет-трик во финале на Купот на Македонија. Во 2000 година кога Слога Југомагнат славеше против Победа со 6-0. Арѓент Беќири е и еден од најдобрите стрелци во историјата на македонскиот фудбал, двократен најдобар стрелец во шампионатот во сезоните 1999/2000 и 2000/2001.

7.Баже Илијоски во 2018 година се запиша во историјата на мак-фудбалот со пет финални натпревари во Купот на Македонија и пет трофеи. Илијоски нема пораз во финалните средби од Купот. Со Работнички се радуваше против Милано, Металург и Тетекс, со Металург против Тетекс, и со Пелистер против Шкендија.

Баже Илијоски

8.Кристијан Стојкоски, Дос Сантош Вандаир и Баже Илијоски имаат пехари со три различни екипи. Стојкоски има четири куп-титули со Македонија ЃП (две), Академија Пандев и со Тиквеш. Бразилецот со Цементарница, Вардар и Работнички, а Илијоски со Работнички, Металург и Пелистер.

9.Пет странски тренери го освоиле Купот на Македонија: Неџат Верлашевиќ (БиХ) со Слога Југомагнат, Радмило Иванчевиќ (Србија) со Македонија ЃП, Драгољуб Беквалац (Србија) со Работнички, Бруно Акраповиќ (БиХ) со Шкендија и Наџи Шенсои (Косово) со Пелистер.

Есад Чолаковиќ

10.Есад Чолаковиќ, со Слога Југомагнат, Маџари и Работнички, е рекордер со вкупно осум финални натпревари на кои играл.

Се вчитува...