10 години од дебито на Димитриевски за репрезентација: „Италијаните уште ги боли Палермо“

Поминаа 10 години од дебито на Столе Димитриевски во националниот тим. По тој повод ФФМ снимаше интервју со голманот на македонската репрезентација во една опуштена атмосфера и на кафе, во новиот ТВ-проект на ФФМ, “Гранд муабети”.

Димитриевски рече дека најдраг меч во репрезентативната кариера му е победата против Италија во Палермо во баражот за Светското првенство.

„Се чувствуваше стресот насекаде околу нас. И со Германија мечот беше специјален, но против Италија имаше поголемо значење. Никој не очекуваше такво нешто. Италија како актуелен европски првак, мислеше дека ќе бидеме лесна задача. Тие дури и одмораа неколку играчи за подоцна што ги очекува. И ние ги добивме. И ден денеска кога ќе ме сретнат луѓе во Италија ми зборуваат за Палермо. Ги боли, тешко е. Да не играш на Светско првенство, а знаеме дека Италијаните секогаш се фаворити на такви големи натпреварувања, и никогаш не смееш да ги отпишеш“, рече Димитриевски.

Кажа и анегдота во соблекувалната на полувремето во Палермо.

„Кога влеговме во соблекувалната, се гледаше нашиот замор. Чурлинов не можеше да стои затоа што цело време играше напред-назад. И кога селекторот го праша дали може, тој одговори тивко. Го праша трипати се додека не одговори гласно. Излеговме во вториот дел, изгинавме едноставно, и кога го постигнавме тој гол, Чурлинов трчаше најмногу. Не знам од каде му беше таа сила“, изјави голманот на нашиот репрезентативен состав.

Тој рече дека годините во репрезентативниот дрес прелетаа брзо.

„Не чувствувам дека поминаа 10 години. За мене времето има пролетано. Многу време се 10 години, и сега кога ќе се вратам наназад, кога ќе видам, некако чувството не ми е такво. Но, ете времето едноставно лета“, изјави Димитриевски.

Димитриевски ги искажа и своите очекувања на следниот меч со Белгија.

„Белгија не е истата како пред 5-10 години кога беа на врвот на светскиот фудбал. Мислам дека имаме шанси. Кога можевме да не загубиме со Италија и со Англија дома, сметам дека со поддршката на нашите навивачи можеме до добар резултат и со Белгија“, додава голманот.

Се вчитува...