Во ситуација откако по слабата игра со Словенија поразот од Шпанија беше однапред впишан на нашето конто, македонските ракометари не направија горди, покажувајќи и квалитет и карактер. Можеби конечниот исход ќе беше поинаков доколку судиите од Литванија не му дадоа „ветер во грб“ на фаворитот, но тоа не го менува фактот дека Македонија во поголем дел од мечот играше извонредно, што дефинитивно ја зголемува вербата во светла иднина на нашиот национален тим.
Позитивни работи во играта против Шпанците имаше многу, ние ќе издвоиме само три…
1. Никола Маркоски
Поранешниот пивот на Вардар и на Металург го одигра својот најдобар меч во репрезентативниот дрес. Шпанците поголем фокус во одбраната ставија на Стоилов, кој беше значаен играч на претходните натпревари, а со тоа се укажа шанса за Никола Маркоски. Тој ја искористи можноста максимално, постигнувајќи пет гола од шест обиди против една од најдобрите одбрани во Европа.
2. Го виде ли некој Агинагалде?
Червар направи промена во нападот, Дрогришки за Нелоски, а со тоа ја смени и одбраната, па во срцето на зоната 6-0 се најдоа браќата Велко и Никола Маркоски. Оваа формација вроди со плод, одбраната делуваше компактна како никогаш досега на овој мундијал. Само за илустрација, најдобриот светски пивот Хулен Агинагалде, не само што не се изнаигра против Македонија, туку и за првпат по долго време му се случи на теренот да мине повеќе од 30 минути, а за овој период да не упати ниту еден удар, камоли да постигне погодок.
3. Карактер и „спортска дрскост“
Македонија губеше со три гола по дваесетина минути игра во првото полувреме. Сепак, лекцијата од Словенија беше научена, па овојпат нашите ракометари покажаа и карактер и спортска дрскост, па во моментите кога противникот очекуваше „распад“, македонската селекција заигра фантастично. Два двојни цепелини во две минути е нешто што им се нема случено на Шпанците долго, долго време, а кога одигравме во ваков стил против извонредната дефанзивна линија на „црвената фурија“, јасно е зошто Исланѓаните делуваат многу позастрашено отколку што тоа беше по нашиот дуел со Словенија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА