Карпош Соколи оствари тесна, но, сепак, заслужена победа на гости против Кожув, победувајќи со 77-79. Во крајно неизвесен и драматичен натпревар, се до последниот напад, „соколите“ имаа подобра концентрација, секако и малку повеќе среќа во завршницата, и успеаја да стигнат до триумф.
Кожув имаше минимално водство од 21-19 по воведните десет минути, а со два поени предност (42-40) замина и на одмор. Неизвесноста продолжи и низ третата четвртина, а кулминираше во последната минута. Пери со тројка обезбеди предност од еден поен за „соколите“ (74-75), а Мекнил со едно реализирано слободно фрлање израмни. Мавра донесе нова предност за Карпош Соколи, но возврати и Бојан Крстевски за 77-77. По ова, Мавра и Пери погодија по едно слободно фрлање, Кожув имаше шут за победа, но Бојан Крстевски не погоди тројка.
Миливоје Мијовиќ со 23 поени беше најефикасен во домашниот тим, додека Драган Лабовиќ и Кендрик Пери реализираа по 17 во тимот на Карпош Соколи, кој овојпат беше без услугите на Бојан Трајковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА