Во понеделник (30 декември), со специјален настан ќе биде одбележан значајниот момент за одбројување на 200 дена до почетокот на Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025. Со овој настан, започнува ново поглавје во подготовките за еден од најпрестижните мулти-спортски настани во Македонија, кој ќе ја обедини европската младинска спортска елита во Скопје и Куманово.
Во духот на спортот и заедништвото, настанот за одбројувањето ќе ги собере младите спортисти, претставници на македонската спортска сцена и маскотата Shiny – симболот на фестивалот. Настанот ќе вклучува интерактивна дружба со Shiny, кој ги претставува клучните вредности на ЕМОФ: единство, пријателство, почит и спортски дух. Покрај тоа, младите спортисти ќе изведат уникатна кореографска точка, со која ќе испратат порака за инспирација, мотивација и поддршка до сите идни учесници на фестивалот.
Европскиот младински олимписки фестивал е настан кој има за цел да ги обедини најдобрите млади спортисти од Европа, овозможувајќи им да ги покажат своите таленти на највисоко ниво. Скопје и Куманово ќе бидат домаќини на повеќе од 4.000 учесници од 48 земји, кои ќе се натпреваруваат во 15 различни спортови, меѓу кои се и атлетика, кошарка, одбојка, ракомет, пливање, џудо и баскет 3×3.
Овој фестивал е од огромно значење за Македонија, не само како можност за промоција на државата како спортска дестинација, туку и како поттик за младите спортисти да се стремат кон поголеми успеси. Учеството на македонските млади спортисти ќе им овозможи драгоцено искуство, натпреварувачки дух и можност за создавање пријателства со врсници од целиот континент.
ЕМОФ Скопје 2025 не е само спортски настан – тоа е симбол на заедништво, солидарност и можност за трансформација на младинскиот спорт во Македонија. Одбројувањето од 200 дена до фестивалот е момент што го означува почетокот на една возбудлива етапа за македонскиот спорт, во која сите, од спортистите до граѓаните, ќе имаат можност да бидат дел од историјата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА