Поради убедувањето дека секоја индивидуа треба да ѝ врати на заедницата во која живее, кошаркарот на КК Работнички, Маркус Гинјард, и младите од КК Работнички се собраа да донираат за децата од СОС Детско село.
„Од мал макотрпно се трудам да станам тоа што сум денес и затоа се заслужни моите родители, моите пријатели, мојата заедница и сега моите колеги и тренери. Тие секогаш ми помагале да го достигнам тоа што го сакам. Јас цврсто верувам дека поради подарокот кој ни го дава заедницата и ние треба да го подариме на неа. Ние денес со младите од КК Работнички го правиме баш тоа со подароци за децата од СОС Детско село. Воедно, со овој наш чин би сакале да им порачаме на сите мали, млади и деца, дека може да бидете сѐ што сакате во животот без разлика дали тоа е кошаркар, фудбалер, доктор, полицаец или друго. Сакаме да кажеме дека треба да имате доверба во заедницата и во самите себе и дека со многу труд ќе успеете“, порача Маркус Гинјард во салата на КК Работнички.
Преку спортот може да се пренесат голем број на човекови вредности како тимска игра, одговорност, мотивација, работа, храброст и хуманост. Тој има многу важна улога во општеството и со тоа што младите се вклучуваат во активности кои од нив градат луѓе со доблест ќе влијае врз долгорочниот развој на општеството.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА