ЕКИПА во Загреб,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Селекторот на Црна Гора, Драган Ѓукиќ, не го криеше разочарувањето по слабиот настап на својата репрезентација и убедливиот пораз од Германија, откривајќи дека очекувал поголема борбеност од своите избраници во пресметката со актуелните европски прваци.
„Честитки до германскиот тим, кој играше како европски првак. Германците играа извонредно во одбраната, имаа одличен голман, додека ние одигравме спротивно од она што се договоривме. Знаевме кој е фаворит и пред мечот, не е срамота да се загуби од Германија, но очекував поголема борба од моите ракометари. Ќе го анализираме она што го згрешивме денеска за да не го повториме во второто коло против Македонија. Јас верував дека можеме да играме многу подобро и со Германија, но видовте што се случи. Би рекол дека мораме да играме најдобро што можеме со Македонија, но да видиме што ќе донесе следниот меч, бидејќи ако ја добиете Словенија тогаш решавачки ќе биде нашиот дуел од третото коло со Словенците“ – изјави Ѓукиќ.
Владан Липовина беше најдобар поединец кај Црногорците, но сепак тоа беше премалку за да се обели образот при очајното целокупно издание на неговата репрезентација.
„Влеговме во ритамот што го наметнаа Германците, тие имаа и одлични голмани и немавме одговор за нивното издание. Нема друго, треба да се подготвиме најдобро што можеме за мечот со Македонија“ – истакна поранешниот ракометар на Металург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА