(3) МАКЕДОНЦИ НА СП: Дојчиновски со Џајиќ, Каталински, Шурјак… на СП 1974

Нашата репрезентација уште еднаш ќе биде далеку од собирот на најдобрите светски фудбалски репрезентации. И претстојниов Мундијал во Русија останува без македонско обележје, нешто слично како и низ изминатите мундијалски занимливости, па токму поради тоа за нас некако редовно останува само потсетувањето за присуството на македонското име на Светските шампионати во фудбалската историја.

======================================================================================

Прославената вардарова легенда, Кирил Дојчиновски, е првиот Македонец кој како фудбалер бил дел од Светските првенства… Претходно единствено Благоја Видиниќ, но како селектор, го почувствувал мундијалскиот вкус.

На Мундијалот во 1974 година во Западна Германија, на кој Благоје Видиниќ ја предводеше селекцијата на Заир, Дојчиновски беше на спротивната страна во дресот на Југославија која, во натпреварите по групи токму на Африканците, им го нанесе највисокиот пораз (9-0), забележан како еден од најубедливите резултати низ 19-те досега одржани шампионати.

Дојчиновски, како фудбалер на Вардар, белградска Црвена Звезда во која мина извонредни години од 1968 до 1974, но и француските Тројa и ФЦ Париз, беше дел од селекцијата на Миљан Миљаниќ иако без посериозна добиена шанса на СП 1974, во генерацијата на Драган Џајиќ, Енвер Мариќ, Јосип Каталински, Душан Бајевиќ, Илија Петковиќ, Ивица Шурјак, Бранко Облак, Јурица Јерковиќ, Станислав Караси…

„Беше тоа извонредна генерација која можеби можеше и нешто повеќе на светската сцена, меѓутоа како да се немаше малку финална среќа. На СП 1974 година минавме одлично во првиот круг од натпреварите, меѓутоа во четвртфиналното разигрување како да се немаше онаа доволна цврстина и победничка желба, иако од светските медиуми тогаш Југославија беше нагласувана и како еден од прикриените кандидати за медал” – се потсетува на мундијалската година Кирил Дојчиновски.

Кирил Дојчиновски во дресот на Црвена Звезда

Според македонската фудбалска легенда, во една играчка кариера и тоа како е значаен моментот да се биде дел од собирот на најдобрите во светот…

„Светските првенства носат своја специфика токму и поради шареноликоста на селекциите кои учествуваат. Се разбира посебно доживување, кое искрено се надевам дека во иднина ќе го почувствуваме и преку директно учество сега и на нашата, македонска, репрезентација” – вели Кирил Дојчиновски.

Кирил Дојчиновски ќе остане засекогаш запаметно име во нашата историја и како еден од ретките домашни тренери кои биле селектор на странска селекција. Дојчиновски во 1989 и потоа во 1998 година во два наврати беше селектор на репрезентацијата на Ел Салвадор. Притоа водејќи и клубови во својата кариера од Ел Салвадор и од Хондурас, но и грчки Ираклис, како и нашиот најтрофеен клуб Вардар.

Се вчитува...