30 факти што (не) сте ги знаеле за СП

На помалку од две седмици до почетокот на мундијалот во Русија, атмосферата полека се загрева, а планетата ја обзема фудбалска треска. Историјата на Светските првенства носи и многу интересни факти поврзани со најголемиот фудбалски собир, кој се случува на секои четири години.

1. Кој е најмлад стрелец во историјата на СП?

– Едсон Арантес до Насименто, славниот Пеле, својот прв мундијалски погодок го постигна на 17 години и 239 дена.

2. Кои се најстариот и најмладиот селектор во историјата?

– Најстариот е Ото Рехагел, кој на СП 2010 ја водеше Грција на 71-годишна возраст. Најмладиот е Аргентинецот Хуан Хозе Труматола, кој имаше 27 години додека седеше на клупата на „гаучосите“ на премиерниот мундијал во 1930 година.

3. Која е најголемата посетеност на еден мундијалски меч?

– На СП 1950 во Бразил диналниот меч меѓу домаќинот и Уругвај на „Маракана“ го следеа 173.850 лица.

4. Колку пати е постигнат хет-трик на светските шампионати?

– Вкупно 48 пати, а само четири играчи можат да се пофалат дека по два пати постигнале по три гола на мундијалите (Шандор Кочиш, Жист Фонтен, Герд Милер и Габриел Батистута).

5. Кој е единствениот играч со три титули светски првак?

Пеле, кој се искачи на врвот на светскиот фудбал во 1958, 1962 и 1970 година.

6. Кој е стрелец на првиот гол во историјата на СП?

– Уругваецот Лусиен Лорен, кој постигна гол во 19. минута од мечот против Мексико на СП 1930.

7. Кој има одиграно најмногу натпревари на СП?

– Германецот Лотар Матеус, вкупно 25 и тоа на пет различни мундијали.

8. Која репрезентација ги загуби сите три финалиња во кои учествуваше?

– Холандија, во 1974, 1978 и во 2010 година.

9. Која селекција најчесто била вицешампион на светот?

– Германија, четири пати (1966, 1982, 1986 и во 2002).

10. Која селекција никогаш не ја минала групната фаза на СП?

– Шкотска осум пати била дел од мундијалите, но ниту еднаш не се пласирала во втората рунда.

11. Кој е единствениот домаќин што не успеал да ја мине групната фаза?

– Јужна Африка во 2010 година.

12. Кои дуелите се најчести на мундијалите?

Бразил и Шведска, односно Германија и Србија… овие селекции се имаат сретнато по седум пати на досегашните шампионати.

13. Која селекција не прими ниту еден гол на едно светско првенство?

– Швајцарија во 2006.

14. Кој фудбалер има најголема минутажа на финалните турнири од СП?

– Паоло Малдини, Италија, 2.217 минути.

15. Кој играч има остварено најмногу победи на мундијалите, на натпревари на кои настапил барем една минута?

– Бразилецот Кафу, 16 победи.

16. Кој фудбалер постигнал најмногу голови од пенал на едно СП?

– Еузебио четири пати беше прецизен од белата точка на СП 1966 што се одржа во Англија.

17. Кој е стрелец на најбрзиот гол на мундијалите?

– На Хакан Шукур му беа доволни само 10.89 секунди за да постигне гол за Турција на дуелот со Јужна кореја за време на СП 2002.

18. Која селекција постигнала најмногу голови на еден натпревар од СП?

– Унгарија, со десетте постигнати погодоци на мечот со Ел Салвадор на СП 1982 (10-1).

19. На кое Светско првенство се постигнати најмногу погодоци и колку?

– Рекордот е поставен на СП 1998 во Франција, каде беше постигнат вкупно 171 погодок.

20. Кој е единствениот играч што на еден ист меч постигнал и гол и автогол?

– Холанѓанецот Ерни Брандс, на мечот со Италија на СП 1978. Тој најпрвин ја затресе сопствената мрежа во 18. минута, а на стартот од второто полувреме се искупи со постигнување на погодок за својата репрезентација.

21. Која репрезентација постигна најмногу голови на СП 2010?

– Германија, 16 погодоци. Рекордер е селекцијата на Унгарија од СП 1954, која на тој мундијал постигна фантастични 27 погодоци.

22. Кој може да се пофали за титули светски првак и како играч и како тренер?

– Бразилецот Марио Загало (играч во 1958 и 1962, тренер во 1970) и Германецот Франц Бекенбаѕер (играч во 1974, селектор во 1990).

23. Кој играч го има заработено најбрзото исклучување во историјата на СП?

– Уругваецот Хозе Баптиста, кому му беше покажан патот кон соблекувалните по само 56 секунди игра од дуелот против Шкотска на мундијалот во 1986 година.

24. Која репрезентација има одиграно најмногу нерешени средби на светските шампионати?

– Италија, вкупно 21.

25. Кој е единствениот тренер со две титули светски првак?

Италијанецот Виторијо Поцо, кому ова му појде од рака во 1934 и во 1938 година.

26. Како се вика маскотата на СП 2018?

– Забивака.

27. Колку е тежок шампионскиот пехар?

– 4,97 килограми, висок е 36 сантиметри и е изработен од 18-каратно злато од страна на Италијанецот Силвио Гацаниџа.

28. Кој е највозрасниот стрелец во историјата на СП?

– Камерунецот Роже Мила го постигна единствениот гол за својата селекција при поразот од 6-1 од Русија на СП 1994, на возраст од 42 години и 39 дена.

29. Кој е највозрасниот стрелец во финалињата на СП?

– Нилс Линдхолм постигна гол за Шведска на финалето против Бразил (СП 1958) на 35-годишна возраст.

30. Кој е најчестиот резултат на натпреварите од фудбалските мундијали.

– 1-0.

Се вчитува...