30 ГОДИНИ СПОРТСКА НЕЗАВИСНОСТ – Од Крањ, па се до ЕВРО 2020 и „Сребреното момче, со златно срце“ (ФОТО+ВИДЕО)

Македонија денеска одбележува 30 години независност. 30-годишен јубилеј исполнет и со многу спортски успеси кои ја одбележаа кратката, но прекрасна македонска спротска историја. Од првиот фудбалски натпревар во Крањ против Словенија, преку успесите на кошаркарите, ракометарите, па се до пласманот на Европското првенство 2020 и освојувањето на сребрениот медал на таеквондистот Дејан Георгиевски на Летните олимписки игри во Токио.

МАКЕДОНИЈА ИМА СВОЈА ФУДБАЛСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА!

Спортската историја на Македонија почна на 13 октомври 1993 година, Македонија го одигра првиот фудбалски меч од осамостојувањето, против Словенија во Крањ и славеше со 1-4. Имавме страшна генерација, Дарко Панчев, Илија Најдоски, Драги Канатларовски, Чедомир Јаневски… Фудбалска, но и спортска Македонија денеска се гордее и си спомнува за почетоците…

МОГАМЕД ИБРАГИМОВ ПРВ МЕДАЛИСТ НА МАКЕДОНИЈА НА ОИ!

Благодарејќи на извонредниот македонски борач, Могамед Ибрагимов, точно пред 21 година, Македонскиот олимписки комитет се закити со медал на Летните олимписки игри СИДНЕЈ 2000. Во категоријата до 85 кг. во борбата за бронзениот медал Ибрагимов го победи Азгади (Иран) и со тоа стана првиот македонец во самостојна Македонија кој освоил медал на Олимписките игри.

КОМЕТАЛ ШАМПИОНЕ ИГРАЈ ТИ ЗА НАС!

На 19. мај 2002 година македонскиот спорт во женска конкуренција го оствари најголемиот успех во историјата – Кометал ЃП стана европски првак откако во финалето од Лигата на шампионите го совлада тимот на Херц со 26-22. Со овие „плус четири“ беше надополнета минималната негатива од првиот натпревар, по што „кометалки“ стигнаа до историскиот успех и се искачија на тронот на ракометна Европа.

Во историјата останува запишано, оваа шампионска генерација на Кометал ЃП ја сочинуваа: Дину, Нацева, Калиниченко, Кастратовиќ, Чупиќ, Будимир, Кисељова, Платон, Велкова, Бујанова, Андрушенко, Малахова, Пласницкаја и Златановска.

А ТРЕБАШЕ ДА ИГРАМЕ ПОЛУФИНАЛЕ, МОРЕ ТРЕБАШЕ ДА БИДЕМЕ ШАМПИОНИ… 

Линдберг, Белград, Данска. Три збора кои што ниту еден Македонец не сака да ги употреби во иста реченица. Бевме блиску како никогаш дотогаш, но и како никогаш оттогаш. Еден напад, еден гол и Македонија во полуфинале на Европското првенство. Сепак, Данците не мислеа така. И покрај големата предност што ја имавме во првото полувреме и неверојатната игра на нашите момци, не успеавме. Данска едвај не победи, па стана Европски шампион, а ние победата над Словенија и освојувањето на петто место го славевме како злато. Јануари е месец на ракометот, возбудата, славјето. Тоа ни го овозможија Кире, Борко, Столе  и останатите. Затоа, до нови успеси и подобар пласман, Србија 2012 ќе биде запишана со „златни букви“ во историјата на Македонија.

„ЛЕЛЕ, ЛУЃЕ ШТО НАПРАВИВМЕ“

И десет години по легендарната „Леле, луѓе што направивме“, гледајќи го финишот на мечот меѓу Македонија и Литванија и тројката на Владо Илиевски, ниту еден Македонец не може да остане рамнодушен. Таа 2011 Македонија цел септември живееше за кошарката. На терените ширум државата за прв пат наместо имињата на легендарните НБА кошаркари, се слушаше, Мекејлеб, Илиевски, Антиќ, Војдан… Четврто место, кое можеше за многу малку да биде и бронза, да биде можеби и финале. Русија двапати ни се извлече, а Шпанија треба да биде благодарна што го имаше Наваро. Сега веќе се е историја. А на нас ни останува со огромна доза на задоволство да се сеќаваме на тој септември 2011. Година кога прославивме и 20 години од независноста, а подобар подарок за „полнолетноста“, нашата држава од овие момци не можеше да добие.

ФК ВАРДАР Е ВО ЛИГАТА НА ЕВРОПА!!!

Тоа беше ден за паметење, ден за историја – 24 август 2017 година. Вардар забележа неверојатна победа среде Истанбул над Фенербахче (1-2) и се пласираше во групната фаза од Лигата на Европа, прв македонски клуб кому ова му успеало. Победата од 2-0 од првиот меч даваше оптимизам за такво нешто, но „вардарци“ знаеја дека ќе мораат да ја повторат играта од Скопје ако сакаат да одговорат на предизвикот среде „турскиот пекол“. И го сторија токму тоа, покажаа и фантастичен карактер откако домаќинот поведе со 1-0. Сето останато е историја, а денеска иако во Втора лига се уште гордо можеме да кажеме Вардар е фудбалски бренд.

„ФЕНОМЕНИТЕ“ НА СЕР БОБИ 

Македонија конечно обезбеди учество на голем фудбалски самит. Боби Милевски и неговите „ФЕНОМЕНИ“ ја запишаа Македонија во историските книги на УЕФА. Барди, Николов, Бабунски, Радески и ја донесоа на Македонија таа 2016 најголемата фудбалска радост. Дел од нив, се дел и од сениорскиот тим кој сега испишува нови страници на македонската спортска историја, а се надеваме под палката на „Сер Боби“ ќе не радуваат уште долго.

ЕДНАШ Е ЧУДО, ДВА ПАТИ, Е ДВА ПАТИ Е ВЕЌЕ – МАНГУПЛУК! 

Голот на Иван Чупиќ против Пари Сен Жермен за победа во 2017 година го качи Вардар на врвот на ракометна Европа. Целата ракометна јавност го прогласи Вардар за чудо, но, знаете како вели старата „Чудо се случува еднаш“. Вторпат, е тоа е веќе – мангуплук! А, вардарците по тоа прашање покажаа дека имаат докторирано. Без пари девет месеци, со неизвесна иднина, тие прво го одведоа Вардар на Ф4 во Келн, а потоа, по втор пат ја покорија ракометна Европа. Македонија веќе не се радува на четврти и петти места, Македонија сега има – ЕВРОПСКИ ШАМПИОН. Македонија знаеше и да го покаже тоа. Улиците и плоштадите, особено тој во Скопје беа местото на кое сите сакаа да бидат. Оти требаше да им се поклониме на хероите. Тие тоа го заслужија.

МАКЕДОНИЈА Е НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО!

Сонот на многу генерациии стана реалност. Македонија конечно беше дел од најдобрите. Горан Пандев и другарите испишаа историја, а цела Македонија им се поклони. На Европското не поминавме најдобро три натпревари три порази, но првпат Македонија во јуни месец можеше да навива за своите херои и тоа е и повеќе од доволно за еден убав почеток. Фудбалерите сега имаат нова цел, летвичката со право е поставена погоре, но по многу разочарувања македонскиот народ конечно може да биде горд на својата фудбалска репрезентација.

ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ – СРЕБРЕНОТО МОМЧЕ СО ЗЛАТНО СРЦЕ! 

27 јули 2021 година ќе биде со златни букви испишан во македонската спортска историја, по првиот сребрен медал што Македонија го освои на едни Олимписки Игри.

Дејан Георгиевски стана новиот спортски херој на нашата земја, по извонредниот настап што 22-годишниот таеквондист го имаше во Токио каде забележа три извонредни победи пред финалниот пораз.

Среброто има златен сјај не е само обична фоскула, бидејќи Георгиевски за неколку часа ја обедини цела нација, сите ги научивме правилата за таеквондо, се радувавме на победите, но и останавме горди во поразот, како што доликува кога се бодри најуспешниот македонски олимпиец.

Се вчитува...