Ракометарите на Тинекс Пролет во 17.30 часот го пречекуваат тимот на Бутел во рамките од петтото коло во плејофот, цврсто решени да ја прекинат мини-серијата од два порази од Охрид и од Еурофарм Работник. Во однос на последниот меч во Битола денеска во тимот се враќа Жарко Пејовиќ, ракометарот кој внесува цврстина во одбраната, но истовремено е и еден од најдобрите во фазата на нападот.
Пејовиќ ги надмина проблемите по повредата на носот заработена на дуелот со Охрид, па максимално подготвен го дочекува дуелот со Бутел.
„Добро го познаваме Бутел, тоа е тим што игра квалитетен ракомет. Станува збор за ривал што инсистира на цврста одбрана, додека во нападот е крајно дисциплиниран и ретко прави технички грешки Подготвени сме за мечот, секако дека и ние имаме свои адути, работи за кои сме подготвени, а се уште ги немаме покажано на терен и денешниот меч е идеален за Пролет да блеснe во вистинско светло“, истакнува Пејовиќ.
Според Црногорецот, двата порази ќе бидат само мотив повеќе за ракометарите да се вратат на триумфални патеки, по почетните две победи во плејофот против Металург и Еурофарм Пелистер 2.
„Свесни сме дека Пролет оди напред како клуб, ние како играчи гледаме како управата прави се за да напредуваме, се инвестира во играчкиот кадар, се создаваат беспрекорни услови за работа. Само тоа е доволен мотив за нас да дадеме уште повеќе, да ги оствариме зацртаните цели, кои за сезонава се влез во ракометна Европа. Оние два порази само мотивираат, бидејќи знаеме дека можеме да играме многу подобро од тоа. Само треба да го одиграме она што напорно го трениравме оваа измината седмица, тоа ќе ни ја донесе победата против Бутел“, оптимист е Жарко Пејовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА