„ВРВЕН АС – ЕДЕН ОД НАС“ – Индира Кастратовиќ: Не сакав да дојдам во Скопје поради кванташки пазар, а останав овде веќе 27 години…

Во годината кога го прославува својот 10-годишен јубилеј, ЕКИПА со официјална промоција на уште пет нови имиња кои го добиваат веќе востановеното признание „ВРВЕН АС – ЕДЕН ОД НАС“Откако пред пет години ова признание замина во рацете на Горан Пандев, Кирил Лазаров, Дарко Панчев, Шабан Трстена и Перо Антиќ, сега пет нови имиња на десетгодишнината со место меѓу врвните македонски спортски асови. Имиња кои, без сомнение, максимално ја задолжиле Македонија засекогаш останувајќи запишани во аналите на македонскиот спорт. Од оваа година и во „Куќата на Асови на ЕКИПА“.

=============================================================================================

Меѓу петмината нови добитници на наградата „ВРВЕН АС – ЕДЕН ОД НАС“ сосема заслужено се најде и Индира Кастратовиќ, поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров која со гордост и многу успех го носеше и дресот на македонската репрезентација.

Кастратовиќ е убедливо најдобра македонска ракометарка и еден од најдобрите десни бекови на Стариот континент во историјата. Најзаслужната за прогресот на македонскиот женски ракомет како предводник на репрезентацијата која во 1997 година дојде до седмото место на Светското првенство во Германија. Прогласена и за најдобар стрелец на шампионатот со 71 постигнат гол. Освојувач на европската шампионска титула со Кометал Ѓорче Петров во 2002 година, најголемиот успех во историјата на македонскиот женски спорт. Како тренер на ЖРК Вардар освојувач на третото место во Европа во Лигата на шампионите во 2014 година.

„Мене ми е голема чест што сум дел од ова одбрано друштво на спортисти кои ја добиваат наградата на ЕКИПА и голема благодарност до вашата редакција. Секако дека секоја награда има посебно значење за секој човек, но воедно и дава дополнителна одговорност, да бидеме уште подобри во она што го работиме“, го почнува Индира разговорот со ЕКИПА.

Таа се навраќа на почетоците на кариерата, откривајќи дека во основно училиште паралелно се занимавала со три спорта.

„Многу доцна почнав да играм ракомет, посериозно почнав со ракомет на 16-годишна возраст. Причината е што во поранешна Југославија имаше екипи за училишни спортови, а јас играв во сите спортови за моето основно училиште, во кошарка, одбојка и ракомет. Кога заминав во средно училиште, во втората година една професорка, Мира Цикота е нејзиното име, виде нешто во мене и ме насочи да се занимавам со ракомет. Приједор ми беше прв клуб во кариерата од каде што почна мојата кариера“, се потсетува Кастратовиќ.

Воедно, Индира обелоденува и дека првиот спомен од Скопје не и бил најпријател, а поради сцените од тогашниот кванташки пазар во прв момент ја одбила понудата на Кометал Ѓорче Петров.

„Најпрво не сакав да дојдам во Кометал и во Скопје, преговорите траеја долго, јас тогаш играв во Вождовац во Белград, тоа беше периодот на распад на Југославија и беше крајно проблематична ситуација за сите. Искрено не сакав да дојдам бидејќи еднаш дојдов во Скопје и не однесоа на кванташки пазар, мене тој спомен ми остана длабоко врежан како асоцијација за овој град. Сепак, челниците на клубот беа упорни, дојдоа во Белград на преговори и се договоривме да потпишам за Кометал Ѓорче Петров. Првиот договор беше на две години, но еве останав во Скопје цели 27 години…

Кастратовиќ растеше како играч паралелно со развојот на Кометал ЃП како врвен ракометен колектив, што кулминираше со освоената титула европски првак.

„Првите години беше многу тешко, против сериозни екипи во Лигата на Шампионите. Спонзорот Трифун Костовски пристигна во јануари 1994, јас дојдов во јуни истата година. Тогаш беа поставени темелите, но сосема нормално е за се што се создава како сериозен проект да биде потребно време. Уште од прв момент почувствував еден неверојатен тимски дух, се дружевме како да сме членови на исто семејство, а тоа е многу важно во еден тим. Тој тимски дух продолжи уште повеќе и повеќе да се развива и сигурно беше еден од главните фактори за таа историска европска титула што ја освоивме“, вели Индира.

Кога станува збор за настапите за македонската репрезентација, Кастратовиќ стина до фантастичен рекорд од 71 постинат гол на СП во Германија, но како неисполнета желба и останува неиграњето на Олимписки Игри во црвено-жолтиот дрес.

Стигнав до рекорд на тој мундијал, но секогаш може подобро, а ние спортистите секогаш сакаме повеќе и повеќе на резултатски план. Мене ми беше жал и до ден денеска ми е жал што со Македонија не успеав да стигнам до настап на Олимписките Игри. Тоа е сон на секој спортист, мене ми беше огромна желба да се биде дел од таа елита. Искрено жалам што ние не успеавме да се пласираме и што Македонија се уште до ден денеска нема настап на ОИ во ниту еден колективен спорт“.

За Индира нема дилема ни околу прашањето, дали е потешко да се биде тренер или играч…

„Многу е потешко да се биде тренер отколку играч, тука нема никаква дилема. Кога си играч размислуваш само на твојата игра, а доколку не си на посакуваното ниво тренерот е тука да те повлече од игра и да те поправи каде грешиш. Кога си тренер, мора да мисли буквално на сите аспекти, на потезите и формата на 16 ракометарки. Огромна е разликата меѓу тренер и играчи, тоа е неспоредливо“.

Зад неа остана и сериозен тренерски ангажман како кормиларка на ЖРК Вардар, тим со кој стигна и до финалето на фајналфор турнирот во Лигата на Шампионите, но не успеа на играчката да додаде и тренерска европска круна.

„ЖРК Вардар беше проект што беше прекрасен, се вложуваше доста, но секогаш недостигаше тој последен чекор за да се искачи на врвот на ракометна Европа. За жал, тој последен чекор никогаш не беше направен и од сегашна перспектива остана само тага што ЖРК Вардар не остана европски првак“, се присетува Кастратовиќ.

Во последните одини Кастратовиќ е предводничка на новиот проект на Вардар, во кој акцент се става на работа со млади ракометарки.

„Јас и Гордана Нацева го презедовме Вардар за да се обидеме да работиме, да наоѓаме спонзори, што е сосема поинаку од оној дрим-тим на ЖРК Вардар. Се трудиме, преку пријатели создадовме буџет, годинава се пријавивме и за настап во Европа, да видиме до каде сме со тоа што го работиме. Одиме полека, чекор по чекор, не треба да брзаме, сакаме да видиме до каде можеме и да направиме убава приказна“.

Според Индира Кастратовиќ, токму напорната работа со младите категории е единствениот рецепт за создавање на база и успешни генерации со кои женскиот ракомет повторн ќе се крене и ќе добие на квалитет.

„За да напредуваме, треба пред се да имаме што поквалитетни клубови во домашната лига и да се стави акцент на младите категории. Јас секогаш го повторувам она што своевремено ми го кажа Јан Питлик додека беше дел од ЖРК Вардар: Ние секогаш вложуваме во младите, за кога ќе дојдат во сениорска репрезентација тие веќе да бидат максимално ракометно потковани и таму само да се доусовршат на тактички план. Затоа мислам дека мора да се стави акцент на младите репрезентации, што повеќе собири и настапи. Ме радува последниот успех на селекцијата 2004/2005, но тоа не се случи преку ноќ, сите клубови работеа квалитетно за да извадат добри ракометарки“. Тоа е тренд што треба да продолжи и во иднина“, порачува за крај Индира Кастратовиќ.

Се вчитува...