Првиот човек на италијански Јувентус, Андреа Ањели во текот на идната недела ќе ја промовира новата Суперлига, со една голема промена.
Оваа најава доаѓа од британскиот „Телеграф“, неполна година откако првиот обид на богаташите да се отцепат заврши за 48 часа и „револуцијата“ беше задушена.
Тоа што се најавуваше уште пред крајот на минатата година, дека трите останати великани Јувентус, Барселона и Реал Мадрид за проектот за натпреварување кое сами би го воделе ќе влезат со нов начин за остварување на целта, сега ќе се реализира барем на хартија како проект. Идејата е да бидат потранспарентни и да образложат сѐ, а прво и најважно е, дека Суперлигата нема да биде затворено натпреварување на богаташите.
Ањели за проектот треба да зборува на претстојниот спортски самит, а веројатно потоа и во детали ќе образложи сѐ околу оваа идеја, а УЕФА останува на ставот дека „проектот е мртов“ барем за една деценија. Новиот пристап со Суперлигата и форматот на отвореност, практично ја открива вистинската битка на великаните, да го преземат раководењето со парите од УЕФА, која ја контролира Лигата на шампионите.
Инаку допрва Европскиот суд на правдата во Луксембург треба да се изјасни за монополот на УЕФА, одлука која ќе биде задолжителна да се почитува и од неа во најголема мера ќе зависи дали Суперлигата може да профункционира или ќе остане само како проект на хартија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

