60 години од трагедијата: „Бебињата на Безби“ никогаш заборавени

Поминаа точно шест децении од трагедијата во Минхен (6. февруари 1958г.), од авионската несреќа во која животот го загубија речиси сите членови на фудбалски клуб Манчестер јунајтед. „Бебињата на Безби“, како што го нарекуваа тимот на Јунајтед, се враќаа од гостувањето во Белград, каде го одиграа решавачкиот натпревар против Црвена звезда во тогашниот Куп на европски шампиони. Поради лоши временски услови нивниот авион мораше да направи принудна пауза во Минхен, пред да се упати кон последната дестинација, Манчестер.

 

Еден од преживеаните новинари, Питер Хауард, дописник на „Дејли мејл“, точно ја опиша трагедијата. Тој непосредно по несреќата се обиде да контактира со својата редакција, успеа накратко да ја опише целата ситуација:

„Два пати се обидовме да полетаме, а потоа механичарите ги изгаснаа сите мотори од авионот и детално го прегледуваа. По некое време добивме дозвола за трет обид. При самото тргнување на авионот почувствувавме дека тркалата се лизгаат по замрзнатата писта. Не се кренавме на време и удривме во една куќа, авионот се расцепи на два дела, насекаде имаше гориво, и наеднаш пламен. Многу пламен, многу лешеви…“, со последен здив им раскажал на своите колеги.

„Бебињата на Безби“ го добија прекарот по легендарниот тренер Мат Безби – творецот на великанот од „Олд трафорд“, кој имаше една филозофија што ја негуваше како тренер на Манчестер јунајтед – да работи со млади играчи кои со тек на време би се формирале во конкурентен тим. Сите тие играчи пет години пред оваа несреќа беа спој на средношколци, буквално деца од 15 и 16 години кои имаа основно познавање на фудбалот. Безби веруваше во напорна работа и единство, па така по неколку години средношколците израснаа во „мажишта“ кои ја покоруваа Европа и Англија. Џеф Бент, Роџер Бирн, Еди Колман, Данкан Едвардс, Марк Џонс, Дејвид Пег, Томи Тејлор и Лијам Били Вилан се играчите кои не се вратија од „екскурзијата“ од Белград, сер Боби Чарлтон еден од малкумината преживеани кои остана да ја раскажува приказната за легендарниот тим.

Десетина дена подоцна се создаде нов тим кој гордо се бореше за името Манчестер јунајтед. Од сите играчи кои играа против Црвена зведа пред несреќата, на теренот беше само Били Фолкс. Во ФА купот со резултат од 3-0 беше совладан Шефилд венздеј, но сезоната не беше успешна, се уште се немаа опоравено од загубата. Сепак, една деценија подоцна тој нов тим, предводен од Фолкс и Чарлтон ја победи тогашната „страшна“ Бенфика на чело со Еузебио, Јунајтед се искачи на врвот на Европа, а освоениот трофеј Безби го посвети на загинатите „шампиони“.

Се вчитува...