Преголемиот број на тренери кои Челси ги промени во кус период донесоа контра ефект и кога станува збор за засилувањата кои во последните години пристигнаа на „Стемфорд Бриџ“.
Еден од нив несомнено е и Кристофер Нкунку, кој еднаш важеше за еден од најдобрите напаѓачи во елитните европски шампионати. Французинот во 2023 година го засили Челси по трансфер вреден 60 милиони евра од Лајпциг, но за него нема место под водство на тренерот Енцо Мареска па тој сака да си замине од клубот веќе во следниот преоден рок.
Нкунку настапи на 10 натпревари во Премиерлигата оваа сезона, но со скромна минутажа и главно од клупата за резерви. Интересно, и покрај тоа е најдобриот стрелец на Челси сезонава со 10 постигнати голови, но најголем дел од нив дојдоа во Конференциската лига, дури шест, а само еден во елитниот англиски шампионат.
За услугите на 26-годишниот Нкунку се заинтересирани Манчестер Јунајтед и ПСЖ, но за далеку помала сума од 60-те милиони кои „сините“ ги потрошија за негов ангажман. Со тоа е јасно дека Челси одново ќе забележи загуба при еден транфер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА