Кошаркарите на Пелистер со нетрпение го очекуваат утрешниот натпревар на домашен терен против Тиквеш (18.30 часот, сала „Боро Чурлевски“).
Целта е и повеќе од јасна, да се стигне до триумф што би бил четврти во низа за битолските „зелено-бели“, за успешен крај на 2024 година и најава за уште подобри резултати во годината што следи.
„Ова е последен меч за нас оваа календарска година, секако мотив плус со победа да завршиме и да влеземе во добро расположение во новогодишната пауза. И покрај големите падови што ги имавме во првиот дел од сезоната, успеавме со добри игри овој месец да се пробиеме при самиот врв на табелата, наша желба е да продолжиме во ист ритам“, истакнува Бобан Стајиќ, плејмејкерот кој е еден од најдобрите поединци во тимот на Пелистер во досегашниот дел од сезоната.
Битолчани ќе ја имаат фаворитската улога против Тиквеш, но Стајиќ предупредува дека овој ривал никако не смее да биде потценет.
„Пред нас е дуел со Тиквеш, тоа е неззгодна екипа што може да изненади секого, затоа не смееме да си дозволиме да ги потцениме кавадарчани. Клучно ќе биде да отвориме со добра енергија и да одиграме цврсто во одбраната во текот на целиот натпревар“, вели Стајиќ за клупската веб-страница на КК Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА