Maркоски: Сите дојдовме спремни за она што следи, не ги повторивме грешките од минатото

Никола Маркоски сезонава ќе биде најискусниот ракометар во РК Алкалоид, а неговото искуство и знаењето како да ја држи во строј одбранбената линија и да ги изнудува и казнува грешките на противниците во голема мерка ја обликува и играта на екипата.

„Веќе неколку години сме заедно во клубот и ги знаеме принципите по кои се работи и по кои се реализираат подготовките. Сезонава не повторивме грешки од минатото и сите ракометари ја одржуваа формата и за време на одморите, па на подготовките дојдовме спремни за процесот што ни следи. Овој дел е многу важен за подоцна да можат да се издржат и одработат другите фази, вклучително и натпреварите што ќе ни следат. По Маврово, ќе почнеме со следната етапа, а во неа се предвидени и контролни натпревари“, вели Маркоски.

Искусниот пивот кој воедно е и специјалист во играта за одбрана верува дека клучно ќе биде Алкалоид во висок ритам да го дочека стартот на новата сезона.

„Условите во Маврово се одлични, не сме прв пат овде, позната ни е средината. Екипата добро ги поднесува подготовките, амбиентот е одличен и верувам спремни ќе бидеме за предизвиците што не чекаат, првенствено во септември. Тогаш ќе играме пет важни натпревари што ќе ја обликуваат целата сезона“, додаде Никола Маркоски.

Се вчитува...