Последниот натпревар на домашен терен летово, женската сениорска репрезентација го игра вечерва, 20 часот, кога во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе ја пречека Грција во рамките од европските квалификации за ЕП 2026.
Дамите немаат резултатски притисок, играат за себе и за кревање на нивото на екипата, атмосферата, но и за да докажат дека можат многу повеќе од досега прикажаното. Девојките се подготвени и расположени да дадат се од себе.
„Подготвени сме психички и физички за дуелот со Грција. Напорно работевме изминативе две недели, а атмосферата во тимот е одлична и на високо ниво. Резултатски немаме што да загубиме, но ако играме тимски и борбено може многу да добиеме. Грција е многу добар противник, одлично ни се познати нивните квалитети и знаеме што не очекува. Нема откажување и само со добра игра и верба можеме да докажеме дека претходниот циклус не беше случајност“, вели Теа Терзиевска.
Селекторот Стефан Пауновиќ ги одреди 14-те репрезентативки на кои ќе смета за денешниот натпревар со Грција во рамките од квалификациите за Европското првенство 2026. Во составот нема поголеми промени во однос на одбојкарките кои го носат товарот во играта, а единствен новитет е дека Мери Бошковска се враќа во игра. Коректорот го пропушти настапот во Европската Сребрена лига 2025 поради повреда на скочниот зглоб за време на подготовките, но сега е подготвена да му помогне на тимот.
Натпреварот меѓу Македонија и Грција се игра вечерва од 20 часот, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Влезот во салата е слободен, а натпреварот ќе има и директен ТВ пренос на националниот сервис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

