Кире Лазаров останува наш главен адут и на претстојното Европско Првенство, а леворакиот „бомбардер“ е во фокусот на јавноста и кога станува збор за прогнозите и анализите за македонскиот национален тим. Во интервју за официјалната веб-страница на ЕП 2018, Лазаров говори со оптимизам за своите очекувања од овој шампионат, сметајќи дека оваа репрезентација на Македонија е уште подобра од онаа од 2009 година, кога „црвено-жолтите“ блеснаа на мундијалот што исто така се одржуваше во Хрватска, а Кире беше најдобар стрелец со 92 погодоци.
„Се надевам дека Хрватска како земја домаќин повторно ќе ни донесе среќа. Мое мислење е дека имаме подобар, поискусен тим отколку во 2009 година и сите едвај чекаме ова Европско Првенство да почне. За мене е секогаш посебно кога играм во Загреб бидејќи во овој град минав пет успешни години од кариерата“ – истакнува Кире Лазаров.
Македонските ракометари сигурно ќе ја имаат поддршката од трибините, но Лазаров е свесен дека се ќе зависи од првичните резултати во Загреб.
„Сигурно ќе имаме гласна поддршка од нашите навивачи. Сигурен сум дека стотици навивачи, ако не и неколку илјади, ќе дојдат да бидат со нас. Секако, се ќе зависи од нашиот старт. Ако работите се одвиваат како што треба, како на ЕП во Србија во 2012, се повеќе и повеќе навивачи ќе доаѓаат во Хрватска секој нареден ден“ – вели македонскиот капитен.
Кога станува збор за групата Ц, според Лазаров во неа има еден огромен фаворит – европскиот првак Германија.
„Ова е возбудлива и специјална група, бидејќи нема типичен аутсајдер. Со три балкански селекции и со бранителот на трофејот се може да се случи, особено ако се знае дека балканските репрезентации ќе имаат и голема поддршка од трибините. Главен фаворит дефинитивно е Германија, тука нема дилеми, тоа е состав со бројни врвни играчи, ракометари кои во Бундес-лигата играат бројни значајни натпревари, што ги прави Германците фаворити, не само во групата, туку и за златото на овој шампионат“ – прогнозира Кире Лазаров.
Откако освои се што можеше да се освои на клупски план, Лазаров се уште наоѓа огромна мотивација при секој настап во репрезентативниот дрес.
„Многу сакам да играм за мојата земја, да бидам дел од овој тим. Максимално сум мотивиран и константно сонувам да ги остварам сите цели што се уште не сум ги остварил“ – порачува Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА