Кошаркарите на Барселона одиграа фантастично против ЦСКА Москва, декласирајќи го лидерот на табелата во Евролигата со убедливи 85-72, воедно покажувајќи знаци на живот по очајниот старт на сезоната што го имаше каталонскиот гигант. Барса стартуваше извонредно, во вториот период имаше „плус 16“, но ЦСКА фуриозно го заврши полувремето и ја спушти разликата на само пет поени (47-42). Сепак, каталонскиот гигант не потклекна, во третата четвртина повторно влезе во посакуваниот ритам, го „здроби“ големиот ривал и поведе дури со 20 поени разлика (75-55), за пред крајот ЦСКА само да го ублажи поразот при својата најслаба партија сезонава.
Сите играчи кои настапија од редовите на Барселона се запишаа меѓу стрелците, а најефикасни беа Копонен со 13 и Ертел со 12 поени.
Панатинаикос ја оправда фаворитската улога против Анадолу Ефес триумфирајќи со 90-79. Грчкиот тим уште во првата четвртина поведе со двоцифрена разлика (23-12), по што рутински го контролираше мечот до самиот крај. Калатес беше клучна фигура со 17 поени и девет асистенции кај ПАО, додека прв стрелец на Ефес беше Адамс со 20 поени.
Интересно беше на шпанското дерби во Малага, каде Валенсија како гостин ја совлада Уникаха со 83-85. Уникаха имаше 83-81 на триесетина секунди до крајот, но гостите беа посмирени кога беше најважно, па со поените на Матринез и на Грин стигнаа до победата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА