Македонската ракометна репрезентација со импресивна игра успеа стигне до убедлива победа на првиот од двата контролни натпревари во пресрет на ЕП 2018. Избраниците на Раул Гонзалес денеска за противник ја имаа Саудиска Арабија, целосно доминирајќи и заслужено триумфирајќи со преубедливи 37-21. Раул Гонзалес имаше можност да ги види на дело сите свои ракометари и јасно е дека мора да биде задоволен од денешното издание, но и дека вистинската контрола ќе следи утре, против селекцијата на Србија.
Противникот имаше водство во три наврати во првите пет минути, но Македонија успеваше да израмни со головите на Талески, Стоилов и на Манасков. Со израмнета игра се продолжи до 15. минута, кога резултатот гласеше 10-8. До крајот на полувремето можеше да се проследи целосна доминација на „црвено-жолтите“, прецизни беа Кире Лазаров, Талески, Пешевски, Георгиевски, Стоилов и Кузмановски, па на одмор се замина со преубедлива предност на нашиот национален тим од 19-11.
На стартот од второто полувреме одбраната функционираше беспрекорно, па со головите од контранапад на Ојлески и на Поповски предноста набрзина стана двоцифрена (25-12). Македонија имаше 33-18 на осум минути до крајот, а темпото го одржаа до крајот, триумфирајќи со конечни 37-21, со головите на Ојлески и на Филип Лазаров во последната минута.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА