Георгиевски: Словенија како патоказ, нема да ги повториме грешките од лани

Само десет дена ја делат македонската ракометна репрезентација од премиерниот натпревар на ЕП 2018 против селекцијата на Словенија. Ракометарите работат со засилено темпо, а во следните два дена ќе ги имаат и двете контролни средби, против Саудиска Арабија и Србија во Белград, по што ќе се „шминкаат“ и последните детали од играта за пресметките во Загреб.

Тренираме одлично и со нетрпение го очекуваме стартот на Европското Првенство. Првиот натпревар ќе биде многу важен, бидејќи Словенија ќе ни биде како патоказ, за тоа како ќе играме и што можеме да направиме на овој шампионат. Имаме напредок во играта во однос на последните натпревари, атмосферата во тимот е одлична и очекувам тоа да се одрази и врз нашите резултати“ – изјавува десното крило Гоце Георгиевски.

Дополнителна мотивација за македонските репрезентативци е фактот дека на последниот дуел со Словенија, на СП 2017 во Франција, претрпеа убедлив пораз од 22-29, меч на кој противникот на моменти делуваше и брутално во стартовите во одбраната.

Тоа беше натпревар во кој бевме изненадени од агресивниот пристап на противникот, по што Словенија рано создаде предност и доминираше до крајот. Слободно можам да кажам дека таа лекција е научена, нема да ги повториме грешките од ланскиот меч. Свесни сме за квалитетите на противникот, а наша цел е да одговориме на свој начин, ние да го наметнеме нашиот стил на игра и да го диктираме темпото цели 60 минути“ – вели Георгиевски.

Во наш прилог оди и фактот дека Словенија ќе настапи без својот најдобар дефанзивец Матеј Габер, кој заработи повреда на вчерашниот тренинг.

Габер им е многу важен играч и во нападот и во одбраната и неговото отсуство сигурно ќе претставува проблем за Словенија. Сепак, ние не треба многу да се фокусираме на тоа бидејќи Словенија е сериозна репрезентација добро покриена на секоја позиција, а Македонија треба да се фокусира на своето издание, да настојуваме да одиграме најдобро што можеме на ова ЕП“ – истакнува десното крило на македонската репрезентација.

Се вчитува...